Албанскиот премиер Еди Рама реагираше откако Европската комисија го коментираше предлогот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој изјави дека 2030 година треба да се постави како краен рок додека земјите-кандидатки и Европската унија не бидат подготвени за проширување.
Портпаролката на Европската комисија, Дана Спинат, денес на прес-конференција во Брисел рече дека „Европската комисија не е фокусирана на роковите во процесот на проширување на Европската унија“.
На ваквиот став Рама преку објава на Твитер оценува дека „иако патувањето до дестинацијата може да биде бавно, останувањето во автобус на ЕУ дури и без седиште е побезбедно од седењето во руски авион“.
„Се подразбира дека автобусот никогаш не може да стане авион… Но, верувајте ми, во актулената состојба, да останеш во автобусот на ЕУ и без седиште да е, побезбедно е отколку да седите во руски авион, бидејќи патувањето може да биде многу бавно а нашата дестинација многу далеку, но едно е сигурно како смртта: Овој автобус никогаш нема да падне“, пишува Рама.