По двата кибер-напади од Иран, албанскиот премиер Еди Рама и понатаму категоричен дека хакерите не ја постигнале целта и не дошле до важни податоци, јави дописничката на МИА од Тирана.
Одговарајќи на обвинувањата на пратеникот на опозициската Демократска партија, Фердинанд Џаферај, Рама рече дека хакерите не дошле до чувствителни податоци, благодарение на степенот на заштита на албанските власти.
Рама рече дека не е вистина дека хакерите го пробиле полицискиот систем МЕМЕКС и дека „приказните со списоци“ се смешни и станува збор за фотомонтажа.
– Американците кои ги знаат тие работи велат дека нападот не ја постигнал целта. Нападот беше исклучително организиран со четири групи и не ја постигнаа целта да ни ја уништат дигиталната инфраструктура и да ги избришат сите податоци. Впрочем, ништо чувствително не е преземено, се уште сме во процес на дигитализирање на голем дел од архивите. Причината поради која нападот не стигна до својата цел е тоа што имаме одредено ниво на одбрана, рече Рама.
Тој додаде дека планот за подигање е во неколку фази, бидејќи не може се да се направи во исто време и во сите правци.