По два и пол часовна расправа, албанскиот Парламент ја изгласа анкетната комисија, која ќе испитува дали претседателот Илир Мета го прекршил Уставот со уредбата за одложување на изборите.
Претседател на комисијата социјалистот Улси Мања, чии сопартијци се петмина од деветте членови на комисијата, што укажува дека епилогот на предлогот на партијата на премиерот Еди Рама за разрешување на Мета е веќе извесен.
На почетокот од дебатата учествуваше и премиерот Рама, кој, во подолго обраќање со остар тон и преполно со иронија и обвинувања упатени до шефот на државата, рече дека „Мета е непријател на Уставот, Парламентот, народот, Албанија и затоа треба да се разреши“.
Освен пратеници кои доминираа со обвинувања за Мета, имаше и такви кои беа во негова одбрана, како на пример Елда Хоти од независната пратеничка група, која рече дека „Мета е последниот бранител на демократијата“.