Албанскиот премиер Еди Рама преку куса објава на Твитер му одговори на поранешниот претседател и експремиер Сали Бериша, кој го обвини дека тој стои зад неговото прогласување за непожелна личност Велика Британија, а претходно беше прогласен за „персона нон грата“ од САД.
– Без коментар, напиша Рама, објавувајќи фотографија од насловот на книга на диктаторот Енвер Хоџа „Англо-американската опасност за Албанија“.
Бериша лично соопшти дека е на списокот на лица санкционирани од британската Влада, за што го обвини Рама и мултимилјардерот Џорџ Сорос.
– Ова е плод на обвинувањата и лобирањето на премиерот Еди Рама и мултимилјардерот Џорџ Сорос. Има за цел да ја задржи на власт најкорумпираната влада во Европа, која со насилно земениот глас на граѓаните го врати целосниот монизам во земјата и ја краде и жртвува Албанија и Албанците, ја води државата до банкрот за да ја купи и зачува моќта, обвини Бериша.