Премиерот на Албанија, Еди Рама, тврди дека Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ без ниту еден услов ја прифатиле платформата на албанските политички партии, за која уште еднаш појасни дека не е од Тирана, пренесува телевизија Алсат М. Рама вели дека причините зошто не бил постигнат договор за влада најдобро ги знае самиот Груевски, кој после неуспехот, почна со обвинувања кон платформата.
„Вистината е дека Груевски и неговата партија се согласиле за платформата без услови. Кога тоа не се реализирало, од причини кои Груевски ги знае многу добро, тогаш тој се нафрли на платформата која воопшто не е од Тирана. Не можете да поттикнете етнички конфликт поради власт. Тоа едноставно се прави за власт и нема врска со тоа што се пропагандира. Но, сè си има своја граница, затоа, доста е таа игра со Албанците и со таканаречената тиранска платформа, бидејќи не може да играте политички со удари кон истата заедница, притоа поттикнувајќи поделби и со другите заедници. Тоа е многу опасно. Јас сум многу загрижен за тоа.“ – изјави Еди Рама, премиер на Албанија
Во интервјуто за телевизијата Визион Плус во Албанија, Рама уште еднаш повтори дека Албанците во Македонија не може да се третираат како граѓани од втор ред.