Албанскиот премиерот Еди Рама побара од студентите да не потклекнуваат на теориите на заговор и ги предупреди дека доколку не се вакцинираат против Ковид-19, нема да може да влезат во универзитетските простории.
Тој оцени дека ако Албанија денес има стабилност и е многу подобра од многу други, тоа доаѓа како резултат на вакцинацијата која започна на 11 јануари, потоа проширувањето на масовната вакцинација многу брзо, што резултира албанските граѓани денес да се многу позаштитени.
– Ако не обезбедивме дози за масовна вакцинација на почетокот на сезоната, денес ќе броевме десетици починати дневно. Тоа е факт. Сега не можеме да влеземе во опасни ситуации, поради оние кои велат: „не, да, Бил Гејтс, не, да, Џорџ Сорос“. Порачувам дека оние што се вакцинирани ќе влезат во универзитетите, бидејќи не постои можност оние кои се свесни и се заштитиле, да бидат загрозени од оние кои живеат со теории на заговор, или кои живеат со стравови кои се целосно ненаучни, неосновани, неоправдани, изјави Рама, кој заедно со министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу беа во посета на Здравствениот дом бр.1 во Тирана.
Рама додаде дека се подразбира оти никој никого со сила не може да го натера да се вакцинира, но во средини каде што се должни да бидат вакцинирани тоа треба да го направат.
– Истото важи и за наставниците и за администрацијата. Таму каде што има јавни места, каде што се собираат многу луѓе, вие имате обврска да се вакцинирате за другите, апелираше премиерот Рама.
Министерката Манастирлиу изјави дека во текот на отворениот месец на вакцинација има зголемен интерес кај младите луѓе, нагласувајќи дека екипи ќе вршат имунизација во универзитетите и студентските домови.
Таа посочи дека пристигнувањето на значителни дози наи вакцини, според договорите, ќе продолжи и оти до месец декември очекуваат да пристигнат над три милиони дози. Со националната стратегија, до средината на идната година треба да бидат имунизирани над 2,2 милиони граѓани.