Ќе продолжиме да спроведуваме реформи, да исполнуваме критериуми, да правиме се што се бара од нас, но почетокот на преговорите и членството во Европската унија не зависат од нас, порача денеска албанскиот премиер Еди Рама, кој напомена дека европскиот пат е единствениот пат, но сепак одлуките се носат на ниво на Унијата со консензус, а она што во овој момент му преостанува на регионот е да работи на јакнење на меѓусебната соработка.
Рама денеска се обрати на панелот „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“ на Првата меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог, нагласувајќи дека во моментов не е во толку голем шок од непочнувањето на преговорите, бидејќи тоа не е нова ситуација, се случувала и претходно. ЕУ ја спореди со невеста, а регионот со младоженец, кој организирал совршена свадба, меѓутоа невестата не се појавила и тоа се случило еднаш, два пати…, а потоа веќе реакцијата е поинаква.
– Музиката, која постојано ја слушаме од Европа е дека треба да продолжиме, но не станува збор за тоа дека Албанија и Северна Македонија и другите земји во регионот треба да се спакуваат, да се стават на брод и да се испратат во Европа, станува збор за градење на нашите земји да функционираат како секоја друга земја-членка на Унијата. А потоа дали ќе бидеме дел од ЕУ не зависи од нас, тоа не е во наши раце, не сме ние тие кои одлучуваме за тоа, истакна Рама.
Нагласи дека во овој момент ние како регион може да направиме многу нешта, имаме можност да ја зајакнеме меѓусебната соработка, заедно да притискаме за нештата во регионот да станат подобри, да работиме на подобрување на нашите стопанства, создавање поголем простор на нашите претприемачи, за младите луѓе.
– Затоа што сами и свртени со грб сме мали, но заедно сме во разумна мера доволно големи, порача Рама.