Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека во Албанија нема да се гради бегалски камп за мигранти од Велика Британија. Тој, категорчно отфрли било каква можност Албанија на нејзина територија да „гради кампови за мигранти од богатите земји“.
-Не сум тука да објаснувам зошто го прават тоа. Но, бидејќи ме прашувате, ќе ви одговорам, Албанија никогаш нема да биде место каде што многу богатите земји ќе поставуваат кампови за своите бегалци, рече Рама на новинарско прашање во однос на пишувањата на британските медиуми дека Велика Британија ќе гради бегалски камп на албанска територија.
На пишувањата на британските медуми за „тајни разговори“ на британската и албанската влада за изградба на бегалски камп реагираше и министерката за одбрана Олта Џачка.
„Истата стара лажна вест, овој пат на насловна страница на угледен весник како Дејли мејл и Тајмс! Патем, јас не сум „тој“ туку „таа“ која секогаш се восхитувала на квалитетот на британските медиуми. Жално“, напиша Џачка во објава на Твитер.
Според дел од медиумите на островот, министрите нашироко размислуваат да отворат прифатен центар за азил во Албанија со цел да се запре приливот на мигранти кои пристигнуваат на островот преку северна Франција.
Секој што ќе побара азил во Британија, во која влегол илегално, ќе биде префрлен во Албанија во рок од една недела, објави Тајмс, додавајќи дека проектот ќе ги чини британските даночни обврзници 100.000 фунти по мигрант за патување и сместување.