Светскиот шампион во планински велосипедизам, Ралф Неф, вчера беше во Крушево, каде се кројат планови за велосипедски патеки низ планинските предели на градот.
Неф заедно со тим од двајца експерти правеа анализа за можностите за ваков туризам во Крушево, а „Фокус“ успеа да направи кратко интервју со швајцарскиот велосипедист.
„Крушево е многу симпатично гратче. Се наоѓа на убаво место, со убави погледи. Добро тоа што не е предалеку од Скопје. За нас Швајцарците е нормално да возиме два часа со автомобил и да се оди на планина за возење на велосипед. Луѓето се многу пријателски расположени, мотивирани да направат нешто на ваква перфектна планина“, не ги криеше првите импресии Неф од целата средина.
Тој вели дека Швајцарија дава голема поддршка за ваквиот вид на туризам, изразувајќи надеж дека тоа ќе почне да се случува и во Крушево, но и низ целата земја.
„Поддршката од Швајцарија за ваквиот вид на туризам е огромна. Знаете, во Швајцарија е главен ски-туризмот, а секоја година има се помалку снег. Тогаш надлежните сфатија дека мора да направат нешто да им биде интересно на луѓето преку целата година. Тоа беше идејата со планинскиот велосипедизам, која им ја врати „душата“ на љубителите на адреналинските спортови. Многу луѓе се инволвирани, има многу приватни инвестиции во овој спорт. Поддршката од државата е позитивен момент, затоа што се отвораат и работни места. Тоа мислам дека ќе се случува и во Крушево“, анализира Неф.
Во последните години се зголеми бројот на луѓето кои возат велосипед низ планински предели – но, од каде е толкава желбата за вакво нешто?
„Луѓето возат велосипеди затоа што сакаат да одат во природа. Кога сте во градот секогаш е бучно, автомобили насекаде. И тогаш возењето велосипед е најдобар лек. Тоа луѓето ги мотивира, адреналинот низ природата е неверојатен. Се одржуваат во добра физичка кондиција, ги поправаат своите вештини“, смета овој велосипедист.
Финансиската помош за овој спорт е нужна, но не може да се каже дека е премногу исплатлив за комотен живот.
„Ако сте на врвот, сигурно е дека овој спорт ќе биде исплатлив за вас. Не се живее баш комотно од овој спорт. Не е како во фудбалот, каде се вртат милионите“, констатира Неф.
Низ историјата многу спортисти паѓале на допинг тестовите поради користење на недозволени супстанци за време на натпреварувањата. Неф е категоричен – планинскиот велосипедизам е „чист“.
„Немам никаков совет кон тие кои користат хемиски супстанци кои се забранети. Тоа е измама и кога-тогаш тие ќе бидат казнети. Мислам дека нашиот спорт е „чист“, затоа што се потребни многу технички вештини. Со забранети супстанци можете да бидете побрз за две минути од противникот, но во спуштањето е умешноста. Во нашиот спорт треба да поседувате физичка подготовка, но голема улога има и психичкото здравје. Најголем дел од спортистите кои се наоѓаат на врвот се „чисти“ и немаат потреба од недозволени супстанци“, го заврши разговорот нашиот соговорник.
Фото – Томислав Георгиев
Разговараше: Јорданчо Цветаноски