Раководството на УБК и БЈБ се гоштевало на државна сметка и за време на Кумановските настани, односно на 8 и 9 мај 2015 година, брифираат од МВР.
Според фактурите кои ги добивме од таму, раководството на УБК седело во ресторан во Градскиот парк во Скопје, а на менито биле октопод на скара од 2.720, запечени ракчиња 1.720, риба прва класа, бифтек со прелив од 2.580, а се испило и луксузно вино, четири шишиња за кои се платило 8.200 денари. Вкупниот цек кој бил платен од државни пари е 28.280 денари.
Утредента, пак, на 9 мај, додека нападите во Куманово се уште траеа, раководството на Бирото за јавна безбедност јадело мешани морски плодови за кои се платило 5.000 денари, а се мезело и лосос на скара.
Право на репрезентација имаат министерот, директорите на БЈБ и УБК, замениците министри, шефот на кабинет и државниот секретар, но сепак тоа не значи и злоупотреба на ова привилегија. Затоа од МВР најавуваат дека засега постојат одредени индиции за злоупотреба но напомнуваат дека тоа допрва треба да се истражува.