Раководителката на Катедрата по македонски јазик, Искра Пановска-Димкова ги демантира изјавите на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев дека ќе се укинуваат катедрите по македонски јазик и македонска книжевност. Таа на Фејсбук пишува дека станува збор за чисти измислици и опасни манипулации и тврди дека до неа досега не допреле такви гласини.
-Во однос на тврдењата за укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите од страна на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, сакам да укажам дека станува збор за чисти измислици, но и уште пострашно за опасни манипулации и инсинуации истовремено. За жал, тоа се случува токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор – Блаже Конески. Имено, претседателот на МАНУ во својата изјава кажува тешки зборови кои не ги поткрепува со ниту еден каков било доказ, истовремено не посочува ниту една институција, а не пак лице кое евентуално би се зафатило со укинување на Катедрата за македонски јазик. Категорично тврдам дека досега од ниту едно место до мене како раководител на Катедрата за македонски јазик, не допреле какви било „гласини” дека такво нешто се подготвува од некаде. Во целост сум убедена дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ никогаш не би завлегол во некоја таква реформа. Во таа смисла, барам под итно членовите на МАНУ, како највисока академска институција, да се оградaт од ставовите на претседателoт на Академијата, Љупчо Коцарев, изнесени по медиумите. Истовремено ја уверувам македонската јавност дека до колку некој поединец или институција би се дрзнале да чепнат во интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се бориме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини, пишува Пановска-Димкова.
Во изјавата која ја пренесуваат медиумите, Коцарев вели дека укинувањето на овие катедри ќе има непопуларни рекации во светот.
-Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, што го знаат подобро поупатените од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам, рекол Коцарев.
Овие сомнежи Коцарев ги изнел на кординативниот онлајн состанок со стручната јавност, по повод Усвојувањето на националната програма за релизација на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ под покровителство на претседателот Пендаровски.