Раководител и вработен во даночната управа во Хрватска уапсени за примање поткуп

by Fokus

Во Хрватска во акција на  Бирото за сузбивање на корупција и организиран криминал и полицијата утрово биле уапсени раководителот на Службата за стратегија, информации и електронски услуги на даночната управа Славиша Пенава и Дражен Билиќ од подрачната служба на Пешченица, пренесува агенцијата Хина.

Според медиумите, Пенава примил поткуп за да не биде блокирана сметката на фирма. „Јутарњи лист“ пишува дека станува збор за сметката на компанијата која Фина требало да ја блокира по барање на Даночната управа, па се вклучил и Пенава за да го „спаси“ или одложи блокирањето.

Но, бидејќи тоа не било во негов опсег, тој го контактирал Билиќ од подрачната канцеларија на Даночната управа во Пешченица и му наредил да не ја блокира сметката на фирмата на која и се заканува блокирање, пишува весникот.

Откако истражителите ќе соберат докази при претресите, се очекува уапсените да биде сослушани во Бирото за сузбивање корупција и организиран криминал.

Инспекторите дошле до двајца даночници анализирајќи ги контактите на претприемачи од областа Задар осомничени за даночно затајување, кои биле откриени уште во 2021 година.

По овие контакти, како и трагата на парите, истражителите наидоа на контакти на осомничените и лица од Даночната управа. Ова резултираше со серија апсења денеска поради сомневање за корупција и фаворизирање при даночни контроли.

Поврзани новости