Хрватскиот ракометар Денис Тот и притворената деветнаесетгодишна девојка биле пријатели извесен период пред неговото убиство, но во средата вечер не дошле заедно во ноќниот клуб „Привилиџ“.
Според информациите на „Телма“ вечерта седеле на различни маси, а притворената цела вечер била во друштво со првоосмничениот Ангело Ѓоргиевски. Внатре во клубот имало контакт а најдолго се задржуваат и дискутираат пред дискотеката, што е забележано на снимката од камерата на „Сејф сити“, но не беше објавено во јавност.
МВР потврди дека вечерта меѓу нив имало расправија.
Според информациите на „Телма“ на снимката од „сејф сити“ се гледа и дека такси возачот по педесетина метри ќе запре и од него ќе излезат Ѓоргиевски и девојката, а тој ќе си замине. Притворените повторно ќе се вратат кај Тот кој сеуште лежи пред дискотеката.
Ниту еден од сведоците на настанот, ниту обезбедувањето во клубот нема да го пријават нападот на бројот 192.
Министерот Спасовски нема прецизна информација колку време поминало од претепувањето до неговата хоспитализација во Ургентниот центар од каде што ја добива и пријавата. Нејасно е ако нема видливи повреди зошто е повикана полицијата, а Спасовски без прецизен одговор дали уште вечерта, веднаш по пријавувањето, полициски екипи биле во ноќниот клуб за да земат изјави од сведоци што секако би влијаело врз содржината на полициската информација објавена во четвртокот околу пладне.