Ракометарите ќе добијат премија од 3 милиони денари поради настапот во Хрватска

by Fokus

На денешната седница Владата ја донесе одлуката да додели премија на ракометарите во висина од 3 милиони денари како резултат на достоинственото презентирање на македонските спортисти во Хрватска на Светското првенство, со особена благодарност за нивната пожртвуваност.

Македонските репрезентативци денеска беа на прием во Владата и добија честитки за прикажаното во Вараждин.

„Денеска заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски ги примивме македонските ракометни репрезентативци кои настапија на Светското првенство во ракомет што се одржа во Република Хрватска.

Во име на Владата и во мое лично име, сакам од срце да им честитам на нашите ракометари за одличниот настап и за гордоста што ни ја донесоа со своите храбри игри во Хрватска! Вие повторно покажавте дека со борбен дух, посветеност и заедништво можеме да ги поместиме границите на можностите и да ја претставиме Македонија во најдобро светло.

За таа цел Владата донесе одлука да додели премија на ракометарите во висина од 3 милиони денари, како резултат на достоинственото претставување и пожртвуваноста на македонските спортисти во Хрватска. Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината, – порача премиерот Мицкоски.

Поврзани новости