Четириесет и третото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на 19 август го отвора филмот „Раката на Господ“ на Паоло Сорентино, беше соопштено на денешната прес конференција, која се одржа во хотеп „Парк“, кој е дел од „Малиќи груп“.
-Годинава, на ИФФК „Манаки“ ќе имаме неверојатни филмски остварувања од најголемите светски фестивали. Имаме гости и кои сами се пријавуваат да присуствуваат на фестивалот. Прашуваа дали може да дојдат во Битола. Имаме врвни ѕвзди како наши лауреати, имаме многу журки, забави и коктели. Мака на овој фестивал секогаш беше дали ќе имаме доволно пари за да го изреализираме, па сега можам да кажам дека годинава за прв пат со ребалансот се обезбедени доволно пари. Оваа година ќе имаме гости студенти од најдобрите академии во Европа.
Годинава ќе го имаме Ентони Дод Ментел, директорот на фотографија и кинематографер како што биле браќата Манаки. Соработувал со одлични режисери, номиниран за Оскар, и тој е првиот кој добил Оскар зашто снимил филм со дигитална камера. Тоа е нашиот лауреат за животно дело. Чекаме да ни потврди и кинематограферот на „Гладијатор“, на „Икс мен“, Џон Метисон. Годинава имаме диџеј од Берлин, по три журки ќе има во Битола секоја вечер. На три локации ќе се одвива фестивалот, во Домот на култура, таму имаме најмногу седишта, втората локација е киното Манаки, каде што ќе се одвива документарната и студентската програма, како и Офицерскиот дом, на летната тераса која ќе биде отворена за Мак корнер програмата. Секоја вечер ќе има филмови, рече директорот на фестивалот Симеон Мони Дамовски.
Селекторот на главната програма Слаѓан Пенев ги соопшти своите фаворити.
Филмови селектирани во програмата КАМЕРА 300 се:
ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА (Triangle of Sadness), 2022, шведско-француско-британско-германска копродукција, во режија на Рубен Ослунд, директор на фотографијата е Фредрик Венцел. Премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 г., каде ја доби Златната палма за најдобар филм. Во изминативе два месеци беше прикажан и на фестивалите во Торонто, Карлови Вари, Сиднеј, Ерусалим, Вроцлав (Фестивалот Нови Хоризонти), а деновиве ќе биде прикажан и во Сараево, каде Рубен Ослунд ќе ја прими наградата „Почесно срце на Сараево“ (The Honorary Heart of Sarajevo).
Ова е трета соработка на кинематограферот Венцел и режисерот Ослунд, по филмовите ВИША СИЛА (Force Majeure), кој ја доби главната награда на жирито на програмата „Извесен поглед“ во Кан 2014 г. и КВАДРАТ (The Square), кој ја доби Златната палма во Кан во 2017 г. Фредрик Венцел е добитник на неколку награди за својата кинематограферска работа, меѓу кои „Гулдбаге“ (главните награди на шведската филмска индустрија) за најдобро кинематограферско дело во 2015 и 2018 г. за филмовите ВИША СИЛА и КВАДРАТ, и наградите за најдобра кинематографија на филмските фестивали во Гетеборг и Талин (Фестивалот „Black Nights“) во 2014 г. за филмот ТИВКОТО РИКАЊЕ (The Quiet Roar) во режија на Хенрик Хелстром.
АЛКАРАС (Alcarràs), 2022, шпанско-италијански филм во режија на Карла Симон, а директорка на фотографијата е боливиската кинематограферка Даниела Кахиас. Премиерно прикажан на Берлинскиот филмски фестивал во 2022 г., каде ја доби главната награда Златна мечка. Беше прикажан и на филмските фестивали во Истанбул, Сиднеј, Мелбурн и Вроцлав (Нови Хоризонти).
Даниела Кахиас е кинематограферка која има освоено десетина награди за своите дела, вклучително и Гауди и Гоја наградата за најдобра кинематографија во 2021 г. за шпанскиот филм УЧЕНИЧКИ (Las Niñas/Schoolgirls) во режија на Пилар Паломеро, наградата за најдобра кинематографија на Меѓународниот филмски фестивал во Гвадалахара цо 2017 г. за бразилскиот филм ДВЕ ИРЕНИ (As Duas Irenes /Two Irenes) во режија на Фабио Мериа, и за најдобра документарна кинематографија на Меѓународниот филмски фестивал Коста Рика во 2013 г. за колумбискиот филм ВЕЧНАТА НОЌ НА ДВАНАЕСЕТТЕ МЕСЕЧИНИ (La eterna noche de las doce lunas/The Eternal Night оf Twelve Moons) во режија на Присила Падила.
ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА (Doraibu mai kâ/ Drive My Car), 2021, јапонски филм во режија на Рјусуке Хамагучи, директор на фотографијата е Хидетоши Шиномија. Премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2021 г., каде ја доби наградата за најдобро сценарио и наградата од ФИПРЕСЦИ. Филмот доби над 70 награди, меѓу кои и Оскар за најдобар интернационален игран филм, Златен Глобус и БАФТА наградата за најдобар филм од неанглиско јазично подрачје.
Хидетоши Шиномија е јапонски кинематографер кој има снимено десетина филмови, меѓу кои неколку со позначаен меѓународен успех, како МОЈАТА МАЛА ЗЕМЈА (My Small Land), 2022, во режија на Ема Кававада, прикажан на годинешниот Берлински фестивал, МИЈАМОТО (Miyamoto), 2019, во режија на Тетсуја Марико, прикажан на Интернационалниот фестивал во Чикаго, И ТВОЈАТА ПТИЦА МОЖЕ ДА ПЕЕ (Kimi no tori wa utaeru/And Your Bird Can Sing), 2018, во режија на Шо Мијаке, прикажан на Берлинскиот фестивал, МОКРА ЖЕНА ВО ВЕТРОТ (Kaze ni nureta onna/ Wet Woman in the Wind), 2016, во режија на Акихико Шиота, прикажан на фестивалите во Локарно, Сиднеј и Бусан.
EO, 2022, полско-италијански филм во режија на Јержи Сколимовски, директор на фотографијата е Михал Димек. Премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 г., каде ја доби наградата на жирито. Во изминативе два месеци беше прикажан и на фестивалите во Карлови Вари и Ерусалим.
Михал Димек е помлад претставник на полската кинематографија и веќе има добиено награди на полските филмски фестивали за неговите кинематограферски дела во филмовите ПОТ (SWEAT) 2020 г. во режија на Магнус фон Хорн, СУПЕРНОВА (Supernova) 2019 г., во режија на Бартош Крухлик, СЛАДОК КРАЈ НА ДЕНОТ (Slodki Koniec Dnia/Dolce fine giornata) 2019, во режија на Јацек Борцух, МОЈАТА ПРИЈАТЕЛКА ПОЛСКА ДЕВОЈКА (My Friend the Polish Girl) 2018 г., во режија на Ева Банашкиевич и Матеуш Димек, НАЈДОБРИОТ ОГНОМЕТ ЗА СЕКОГАШ (Najpiekniejsze fajerwerki ever/The Best Fireworks Ever) во режија на Александра Терпинска.
БОЖЈАТА РАКА (È stata la mano di Dio/The Hand of God), 2021, италијанско-американски филм во режија на Паоло Сорентино, директорка на фотографијата е Дариа Д’Антонио. Премиерно е прикажан на Венецеискиот филмски фестивал во 2021 г., каде ја доби наградата Сребрен лав. Филмот доби најмногу награди Давид ди Донатело во 2022 г., кои традиционално ги доделува Академијата на италијанскиот филм, меѓу кои и за најдобра кинематографија за Дариа Д’Антонио. Во изминатава година беше прикажан и на фестивалите во Лондон, Сиднеј, Токио и имаше неколку номинации за наградите Оскар, Златен Глобус и БАФТА.
Дариа Д’Антонио има претходно соработувано со Паоло Сорентино во два кратки филмови – МАЛИ РИМСКИ АВАНТУРИ (PICCOLE AVVENTURE ROMANE/LITTLE ROMAN ADVENTURES), 2018 г., СОНОТ (THE DREAM), 2014 г. Последниве години сними неколку успешни филмови во Италија, меѓу кои и МАРСЕЛ! (MARCEL!), 2022 г. во режија на Јасмине Тринца, кој беше номиниран за наградата Златна Камера на Канскиот фестивал, ЧУВСТВУВАЈ ГИ ТВОИТЕ СЕЌАВАЊА (TORNARE/FEEL YOUR MEMORIES), 2019, во режија на Кристина Коменчини, УКРАДЕНИ ДЕНОВИ (IL LADRO DI GIORNI/STOLEN DAYS), 2019, во режија на Гуидо Ломбарди, БЕЗ МЕСО (FLESH OUT), 2019, документарен филм во режија на Микела Окипинти, кој беше прикажан на Берлинскиот фестивал и на Трибека во Њујорк, каде Дариа Д’Антонио беше номинирана за најдобра кинематографија.
МАЈКА И СИН (Un petit frère/ Mother and Son), 2022, француски филм во режија на Леонор Сераије, директорка на фотографија Хелен Лувар. Премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 г., каде продукцискиот дизајнер ја доби наградата за млад филмски техничар. Ова е прва соработка на режисерката Сераије со искусната кинематограферка Хелен Лувар, по соработките на нејзините претходни два филма со кинематограферката Емили Нобле.
Хелен Лувар е една од најпознатите кинематограферки на денешницата, со импресивна филмографија од околу сто наслови, меѓу кои и филмови режирани од Агнес Варда, Алис Рорвахер, Вим Вендерс, Клер Дени, Меги Гиленхал итн. Добитничка е на Златна Камера 300 на ИФФК Браќа Манаки во 2019 г. за филмот НЕВИДЛИВИОТ ЖИВОТ НА ЕВРИДИКА ГУЗМАО (A VIDA INVISÍVEL DE EURÍDICE GUSMÃO/THE INVISIBLE LIFE OF EURIDICE GUSMÃO) во режија на Карим Аинуз.
РИМИНИ (Rimini), 2022, германско-австриски филм во режија на Улрих Зајдл, директор на фотографијата е Волфганг Талер. Премиерно прикажан на Берлинскиот филмски фестивал во 2022 г., а беше прикажан и на филмските фестивали во Истанбул, Сиднеј, Ерусалим и Палиќ, каде ја доби ФИПРЕСЦИ наградата за најдобар филм.
Волфганг Талер е најпрепознатлив во филмскиот свет по редовната соработка со австрискиот режисер Улрих Зајдл, кој е истакнат автор со провокативен документаристички начин на снимање на играните филмови. Меѓу попознатите филмови на кои соработувале Талер и Зајдл се ЗАБАВА БЕЗ ГРАНИЦИ (Spass Ohne Grenzen/Fun Without Limits) од 1998 г., КУЧЕШКИ ДЕНОВИ (HUNDSTAGE /DOG DAYS) од 2001 г., ИСУСЕ, ТИ ЗНАЕШ (Jesus, Du Weiss/Jesus, You Know) од 2003 г., УВОЗ-ИЗВОЗ (Import/Export) од 2007 г., САФАРИ (Safari) од 2016 г., трилогијата РАЈ (Paradies/ Paradise) – ЉУБОВ (Liebe /Love) од 2012 г., ВЕРА (Glaube /Faith) од 2012 г. и НАДЕЖ (Hoffnung/Hope) од 2013 г. Во неколку од овие филмови како кинематографер, покрај Волфганг Талер, е потпишан и неодамнешниот лауреат на ИФФК Браќа Манаки, Едвард Лахман.
СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА (Snow White Dies at the End), 2022, македонско-кипарски филм во режија на Кристијан Ристески, директори на кинематографијата Севдије Кастрати и Димо Попов. Премиерно прикажан на фестивалот Слемденс во САД (Парк Сити, Јута).
Димо Попов е кинематографер кој претходно ги сними филмовите ПАНКОТ НЕ Е МРТОВ, 2011, МАЛИОТ ЉУБОВЕН БОГ (Mali ljubavni bog/The Little Love God), 2011, СКОПЈЕ РЕМИКС, 2012, ТРИ ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ, 2015, ГОДИНА НА МАЈМУНОТ, 2018, КОПАЊЕ, 2018, ЕФЕКТОТ НА СРЕЌАТА (The Happiness Effect), 2019, МОЕТО ЕЗЕРО (Liqeni im/My lake), 2020, СКРИЕНИОТ (I Fshehuri/Hidden), 2021.
Севдије Кастрати е кинематограферка на филмовите БРАК (Martesa/The Marriage), 2017, СТУДЕНИОТ НОЕМВРИ (Nëntor i ftohtë/Cold November), 2018, ОТВОРЕНА ВРАТА (Dere e Hapur/ Open Door), 2019, ЗАНА (Zana), 2019, ВЕРА СОНУВА ЗА МОРЕТО (Vera andrron detin/Vera Dreams of the Sea), 2021.
МИМИ, 2022, македонско-хрватско-црногорски филм, во режија на Даријан Пејовски, директор на фотографијата Дејан Димевски. Премиерно прикажан на Синедејс, во Скопје.
Дејан Димевски е кинематографер на филмовите ОВА НЕ Е АМЕРИКАНСКИ ФИЛМ, 2011, БАЛКАНОТ НЕ Е МРТОВ, 2013, ЛАЗАР, 2015, ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ, 2016, ЖАБА (ŽABA/THE FROG), 2017, ИСЦЕЛИТЕЛ, 2017, СОСЕДИ (Neighbors), 2018, ВТОРА ШАНСА, 2019.
ОД РАЈОТ (NEBESA/HEAVENS ABOVE), 2021, српско- хрватско-црногорско-словенечко-македонски филм, во режија на Срѓан Драгојевиќ, директор на фотографијата Душан Јоксимовиќ. Премиерно прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што патува на повеќе европски и балкански фестивали, како Котбус, СинИст, Балкан Панорама, Острава Камера Око, Валенсија итн.
Душан Јоксимовиќ е редовен соработник на Срѓан Драгојевиќ, со кого ги снимиле НИЕ НЕ СМЕ АНЃЕЛИ (Mi nismo andjeli /We Are Not Angels), 1992, УБАВИТЕ СЕЛА УБАВО ГОРАТ (Lepa sela lepo gore/Pretty Village, Pretty Flame), 1996, РАНИ (Rane/The Wounds), 1998, НИЕ НЕ СМЕ АНЃЕЛИ 2 (Mi nismo andjeli 2/We Are Not Angels 2), 2005, СВЕТИ ЃОРЃИ ГО УБИВА ЗМЕЈОТ (Sveti Georgije ubiva aždahu/St. George Shoots the Dragon), 2009, ПАРАДА (Parada/The Parade), 2011, АТОМСКИ ОД ДЕСНО (Atomski zdesna/Holidays in the Sun), 2014.
ЧИЧКО (Stric/Uncle), 2022, хрватско-српски филм, во режија на Давид Капац и Андрија Мардешиќ, директор на фотографијата Милош Јаќимовиќ. Премиерно прикажан на Фестивалот во Карлови Вари.
Милош Јаќимовиќ е кинематографер кој ги сними филмовите ТИЛВА РОШ (Tilva Ros), 2010, ВАРВАРИ (Varvari/Barbarians), 2014, ГРАНИЦИ, ДОЖДОВИ (Granice, kiše/Borders, Raindrops),2018, ОАЗА (Oaza/Oasis), 2020.
ОСУМ ПЛАНИНИ (Le otto montagne/The Eight Mountains), 2022, белгиско-италијански филм, во режија на Феликс ван Гронинген и Шарлот Вандермерш, директор на фотографија Рубен Импенс. Премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 г., каде ја доби наградата на жирито.
Кинематограферот Рубен Импенс гостуваше во Битола со филмот „Белжика“ за кој ја доби „Сребрената Камера 300“ и минатата година со филмот „Титан“, за кој ја доби „Бронзената Камера 300“.
БЛИСКУ (Close), 2022, белгиско-холандски филм во режија на Лукас Донт, директор на фотографија Франк ван ден Иден. Премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 г., каде ја доби наградата Гран-При на жирито.
Франк ван ден Иден беше и претходно во компетиција за наградите на ИФКК Браќа Манаки со претходниот филм на Лукас Донт, ДЕВОЈКА (GIRL), од 2018 г.
Во документарната програма ќе има 10 документарни кои се многу интересни.
-Мислевме дека треба да обрнеме внимание на пионерски потфати. Некои од најзначајните начела на кои се базираше изборот, се креативната храброст и посебноста на стилскиот израз и иновативноста во кинематогграфскиот пристап. Филмовите се од актуелно социјални и политички и културни теми, а се поврзани преку специфичниот филмски израз, беше подвлечено на прес конференцијата.
Од селекцијата на кратки филмови, Марија Апчевска ги издвои:
Days without – Деновите без
Creature – Суштество
Warsaw – Варшава
The Last Ferry from Grass Island – Последниот траект од островот „Грас“
Cherries – Цреши
Memoir of a Veering Storm – Мемоарот на непредвидливата бура
Hair tie, Egg, Homework Books – Ластиче за коса, јајце, домашна работа
Trumpets in the Sky – Труби на небото
Against All Odds – И покрај сѐ
Only the Devil Hates Water – Само ѓаволот се плаши од вода
Night Light – Ноќна светлина
Basket – Баскет
Годинава имаме исклучителни жирија. Имаме врвни имиња, имаме 4 неверојатни имиња. Еден од двајцата наши кинематографери кои го работеа „Ханиленд“. Тука е и Маја Богоевиќ, која е исклучителен филмски критичар, од светско реноме, професоrка на црногорската академија за филм. Овде е и Јелена Станковиќ, од филмот „As far as you go“, како и Мариса Созен, најпозната турска актерка, ѕвезда на филмот „Зимски сон“.
-Важно е да кажам дека фестивалот е поместен еден ден порано од логистички причини, зашто се поклопуваме со затворањето на Охридско лето, а многу ни е битно дел од важните гости, кои не сакаат да го пропуштат Манаки, да бидат во Битола. Имаме мастер класови Дарија Д, Антонио, Ентони Дод Ментал. Очекуваме гости и од Чиле, а најавено е дека ќе дојде Бјелогрлиќ, Срѓан Драгојевиќ, како и многу други ѕвезди од регионот, подвлече Дамевски.
За селекцијата на студентски филмови говореше Ѓорѓи Пулевски, кој истакна дека има еден македонски филм од ФДУ Скопје, пет балкански филмови од Словенија, Грција, Косово и Хрватска и другите филмови се од остатокот од Европа од реномирани филмски академии во Англија, Виена, Прага, Минхен…
За офф програмата која е локална придружна програма на иницијатива на Општина Битола говореше одговорниот за оваа програма Тоше Ивановски. Тој најави секојдневни изложби на раритети од колекционери кои ја раскажуваат фото и филмската историја на Битола, музички настани во духот на филмската музика, танци и анимации, како и манифестацијата „живи слики“ од архивите на Манаки.
Продолжува програмата „Наследниците на Манаки“ и прв пат годинава ќе биде презентирано семејното наследство на познатиот Фото УНИ, добитник на Оскар за фотографија за најдобар фотографер на САД во 1965 година.
Игор Новоградска и Оливер Јосифовски, Илија Апелгрин и многу други познати музички имиња ќе бидат дел од офф програмата, со изведби и промоции на филмска музика од „Бикини мун“, „Стела“ итн.
– Ова е придружна програма на фестивалот Манаки. Зборуваме за една креатива која има намера да го покаже интересот на битолчани, на креативците, кои имаат капацитет актерски и музички да покажат дека Битола има интерес за овој фестивал. Сакаме да покажеме дека Битола е град во кој се роди филмот и дека тоа е чувство кое е дел од колективната меморија. Креиравме автентична програма која има намера да покаже дека Битола го сака фестивалот. Ќе има ретки колекционерски изложби на кои ќе бидат презентирани фотоапарати, камери и документи врзани со филмскиот живот на Битола. Млади таленти преку работнилници ќе се усовршуваат во правењето на филм. Забавната програма ќе се одвива во кафе барови и клубови, се организиравме секоја вечер да има две до три забавни програми, кои ќе бидат од големо значење, рече Ивановски.