Укинувањето на мерките може да доведе константниот број на новозаразени од околу 80-ина дневно да продолжи уште долго време, вели професорот Дејан Трајковски.
„Велигденско-бајрамскиот мини-врв на преносливоста е веќе зад нас и ефективниот репродукциски број Rt постепено се намалува кон единица. За среќа, Rt не остана долго над единица, па немаше време дневните бројки на новодијагностицирани значително да порастат. Моментално се наоѓаме во режим на стабилен раст на вкупниот број на случаи, односно приближно константни дневни броеви на нови случаи (зелената и портокаловата линија на вториот дијаграм)“, тврди Трајковски.
Тој додава дека поучени од развојот на настаните од минатата година, логично е да очекуваме намалување на заразувањето, а дневниот број на нови случаи да се намали до ниво на спорадично заразување, односно околу 25 случаи дневно.
„Но, да не испуштаме од предвид дека минатото лето имавме макар минимални мерки во сила, односно носење маски во затворени простории, освен – се разбира – во кафеаните. Сега ја немаме ни таа мерка, па можно е бројот на спорадични случаи да биде поголем од 20-25 дневно. Ќе почекаме 2-3 недели, доволно да се оддалечиме од овој празничен скок на преносливоста, за да извлекуваме подолгорочни заклучоци. Да не заборавиме дека новите потсоеви BА4 и BA5 на омикрон сојот веќе пристигнаа во Европа и полека започнаа да се шират.
Кон ова треба да се додаде уште дека имунитетот против заразување само од прележување (но и само од вакцинирање), после 4 месеци од врвот на бранот на омикрон сојот веќе бледнее. Тоа ќе предизвика многу од прележаните лица одново да станат сусцептбилни (чувствителни, подложни) на реинфекција.