Раја, стока, будала…

by Фокус

Потврдено и заверено со досегашните водачи-апаши „Папата“, „Мона Лиза“, „Гаргамел“, „Паторот“, „Невестулката“, „Ќуранот“, сите инсталирани како премиери анонимуси без ниту ден државничко искуство. Ете, затоа, ваквиот сој политиканти, апаши и родоотстапници си даваат право народот да го нарекуваат раја, стока, будала…

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Ретко кој македонски политичар интимно не го есапи народот за раја, стока и будала, кој не треба многу да се ферма. И малку се луѓето што не мислат дека секој политичар е ајдук и измамник, кој влегува во политиката да го мами и краде народот.

Политичките партии, пак, меѓусебно се обвинуваат и полеваат со помија, но една на друга никогаш „очи не си вадат“. Изнедрени од ист шинел, не знаат дали во одреден момент ќе бидат принудени да се здружат во коалиција и дуваат во иста тиква. Нивниот заеднички душман секогаш останува народот.

Без оглед на антагонизмот, „стоката“ од народ редовно излегува на избори и гласа за своите недоветни „апаши“. Како да се објасни ваквата шизофрена состојба на општествената свест и морал?

ИЗМЕСТЕНА ТЕЗА

Е, па вака! Менталитетот на народот македонски најточно го дијагностицирал Крсте Петков Мисирков. Се сторил народ рајатински, како синоним за понизност и за да не го расрди агата, па се кажувал така како што тој сакал.

Пред десетина години, претседателски кандидат приземно и потсмешливо го нарече народот стока, само затоа што го поддржувал големиот митинг на ривалската политичка партија.

Неодамна, опозицијата двосмислено кажа дека власта треба да престане народот да го прави или смета за будала.

Парадигматично „шетање по ќерамиди“ на народот се ирационалните вековни и реактуализирани бугарски „влажни соништа“. Македонските политиканти терсене ги толкуваат нивните барања да се признаела „реалноста“ на процесот на создавање на македонската историја, национален идентитет и јазик.

Социјал-демократскиот сојуз, со перверзна гимнастика на разумот и конфузна архитектура на мислите, го мафтосува народот дека „Бугарскиот предлог“ со француска обланда бил сериозна победа на македонската дипломатија.

Се „моча во гаќи“ од радост што предлогот станал европски, со што за век и веков се заштитило македонското минато и се обезбедила извесна и стабилна иднина.

Во транс бунца дека божем уште пред две години, Народното собрание официјално го признало македонскиот јазик, па останало само со измена на Уставот да се бетонира македонскиот идентитет. Завалиите фрлија анатема врз актуелната власт за еднострано прекинување на европскиот пат, затоа што одбила обезличување и градење нов северномакедонски идентитет со бугарски корени.

Преведено, произлегува дека Бугарија работи против себе бидејќи, според есдеесовската терсене логика, бара да се зајакнува македонскиот национален идентитет! Надвор од здравиот разум. Ептен изместена и тотално одлепена теза на родоотстапниците и неразбраните трговци. Маткање на умот на народот со „онадување во здрав мозок“!

ВОДАЧИ-АПАШИ

Дијагностицираните симптоми на ин витро креираното раскантано македонско општество се Chronic Social Perversitas: пробисветите станаа господа, подлизурковците се промовираа во интелектуална елита,  старлетите се престорија во инфлуенсерки, сељачаната во градски фаци, суровините со купени дипломи авансираа во угледни граѓани, а апашите станаа неграмотни политичари.

Народот, пак, втеран во партиските трла како клиентелистичка „стока“, упорно гласа за своите превеани апаши со слоганот „Ако треба и трева ќе пасам, ама за моите ќе гласам“.

Алегорично-сатиричен шмек за клиентелистичката опседнатост на народот со партиските лидери, кои безгрешно го водат во неизвесност. Се разбира, кога ќе ја увидат грешката, веќе е доцна. Потврдено и заверено со досегашните водачи-апаши „Папата“, „Мона Лиза“, „Гаргамел“, „Паторот“, „Невестулката“, „Ќуранот“, сите инсталирани како премиери анонимуси без ниту ден државничко искуство.

Ете, затоа, ваквиот сој политиканти, апаши и родоотстапници си даваат право народот да го нарекуваат раја, стока, будала… Оти, тој и таков народ гласа и избира секакви арамии. Џганот потоа, од позиција на власт и аздисаност, ги испишува нотите по кои мора да се игра.

Не е народот раја, стока и будала, туку алчните корумпирани политичари се говедари, кои практикуваат терапија со плацедо третман „Да се дупи народот, малку му е“!

Македонија 33 години ја варди само Господ… За експериментирање!!!

Поврзани новости