Директорот на истражниот затвор „Скопје“, Есад Рахиќ, во интервју за Радио Слободна Европа, открива каде е сместена специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, и каков е нејзиниот третман.
-Госпоѓа Катица Јанева не е во женско одделение, таа е во еден посебен оддел каде што според безбедносната проценка на затворската управа има друг третман, од безбедносен здравствен и секаков друг аспект, вели директорот.
На прашањето дали таа е сама во келија, Рахиќ одговара:
-Во принцип, ниедно притворено лице не е само, секогаш мора да има уште еден. Меѓутоа, со оглед на тоа што станува збор за личност која била специјален јавен обвинител, посебен општествен интерес, бидејќи тоа така брзо е направено, ние сметавме дека во еден временски период треба да направиме комплетна безбедносна и здравствена проценка и слично и госпоѓата да биде сместена на адекватно место. Ние сме малку ограничени со тие сместувачки капацитети, ние имаме три одделенија и за жал после подолго време, прв пат во историјата на притворот и на затворот се случува да имаме некаде околу 18-20 жени, најмногу имало по 3-4. Тоа се поголеми одаи, да не речам ќелии, во кои има по 4,5 или 6 жени. Малку е незгодно, има разни профили на жени внатре, имате женски лица судени за убиство, имате за изнуда и малку е тешко да вклопите еден таков профил како госпоѓа Јанева меѓу тие лица, но ние си ја вршиме нашата работа, така што таа е сместена на најдобар начин на кој што можеме да го направим, вели директорот.