Рафајловски за „Фокус“: Државата веднаш да го олесни поставувањето фотоволтаици, струјата нема да поевтини

by Fokus

Треба на граѓаните да им се дозволи веднаш, без никакво одложување, ако треба и да им се дадат бескаматни кредити каде што државата ќе учествува, да се постават фотоволтаици на сите куќи, а не да се направи процедура како небаре луѓето прават мини-централа дома ако сакаат да постават фотоволтаик, вели бизнисменот Горан Рафајловски.

Според него, овој чекор ќе биде од исклучителна полза и за целото стопанство, бидејќи струјата ќе му треба токму на стопанството, но истовремено апелира државата да ги олесни процедурите за изградба на мали фотоволтаични централи преку кои компаниите ќе си обезбедуваат струја за производството.

– Ако на  компаниите им се овозможи да постават фотоволтаици на покривите на погоните, со што ќе им се намалат зависноста и цената на струјата, наместо како сега, да им се бараат елаборати и над 80 документи, невозможности да се вклучат во системот , тоа во овој момент ќе биде од огромна помош за тие компании – истакнува Рафајловски.

Тој уште додава дека ако државата реши да ги поедностави процедурите, тогаш во период од една година или можеби до јануари ќе има завидна бројка на компании што сами ќе произведуваат електрична енергија потребна во нивниот производствен процес.

Потребни се долгорочни решенија за струјата

-Сега е моментот државата брзо да реагира за да може тие компании да ја преживеат зимата, не се потребни субвенции во смисла на помош, туку тие да се гледаат како инвестиција во стабилизирање на преодниот период, бидејќи стујата нема да биде поевтина, а секако потребно е и долгорочно решение за земјава за во иднина, појаснува тој.

Покрај тоа тој додава дека инсталирање на двонасочни броила можеби и не е најсреќното решение за домаќинствата, туку инсталирање на батерии. Бидејќи фотоволтаиците ја акумулираат енергијата преку ден и најмногу треба да се троши струјата во текот на денот. И токму батерии од 5KW ќе можат да ги задоволат потребите од инсталиран фотоволтаик на 6KW.

-Можеби батериите се поскапи, но со оглед на искуството во некои земји граѓаните плаќале пенали за вишокот произведена струја да влезе во енергетската мрежа, а и прашање е при поголем наплив колку тоа може да го издржи истата. Затоа е потребен сериозен пристап и премсетки од страна на инженери, која варијанта е подобра и конечно да размислуваме долгорочно, појаснува тој.

Цената на струјата ќе расте

Според Рафајловски, Европа има сериозен проблем со струјата и тоа најмногу поради Германија која прерано почна со зеленото сценарио и исклучи голем број на централи, па се потпре на гасот.

-Еве Централата во Запорожје беше исклучена одреден период од безбедносни причини и цената на струјата на берзите порасна и до 800 евра за мегават час, и да се стабилизира оваа покачување, треба да ни е јасно дека помина времето на евтина струја, таа никогаш нема да падне под 400 евра за мегават час, вели Рафајловски.

Тој појаснува дека нашата држава нема да може да ги покрива овие трошоци засекогаш, а сметките за струја енормно ќе пораснат, затоа е важно да се искористи она што го имаме од природата.

-За преоден период фотоволтаиците се совршено решение, ќе се обезбеди стабилност во домаќинставата но и компаниите и на тој начин државата ќе може да направи долгорочен енергетски план и големи инвестииции во проекти кои ќе донесат стабилизација на пазараот со струја во земјава, заклучува Рафајловски.

Тој додава дека долг период само се зборува за централите Чебрен и Галиште но ништо не се прави.

Фотоволтаиците не се решение за профит

-Тоа што треба да го разберат граѓаните, но и фирмите е дека инсталирањето на фотоволтаици не се прави за да се оствари профит од продажба на струја, туку да се обезбеди стабилност во домот или компанијата и ослободување од зависност од мрежата , појаснува Рафајловски.

Тој додава дека во моментот инвестицијата достигнува до 7.000 евра и треба да биде многу поевтина, но поединците да не размислуваат околу периодот на поврат на инвестицијата кој може да биде и до 15.000 години.

-Да го разберат како инвестиција во стабилно снабдување на домот или компанијата со енергија и секако намалување на сметките за струја, бидејќи ако произведуваат многу вишоци тоа ќе ги чини поскапо бидејќи ќе ја оптеретата мрежата. Токму затоа и има граница до 6КW, вели тој.

Соња Танеска

Поврзани новости