Познатиот бенд ,,Црвена јабука” доаѓа во Радовиш, каде ќе одржи концерт на традиционалната манифестација ,,Самун ем татлија” која ќе се случува од 12-ти до 14-ти октомври.
Настапот на ,,Црвена јабука” е закажан за првата вечер од манифестацијата, односно во петок, а во сабота ќе настапат ,,Куку леле”, Жаре бербер и ,,Тропико бенд”. На последниот ден од ,,Самун ем татлија” свои настапи ќе имаат Миле Кузмановски, Александар Тарабунов и ,,Синтезис”.
Покрај многуте музички гости, од општината најавуваат богата програма по повод гастрономската манифестација. Планирани се разни натпревари во брзо јадење на самун, промоција на самун од пет метри и татлија од два метри, настапи на фолклорни ансамбли и друго.
Манифестацијата секоја година привлекува десетици илјади гости. Лани главни музички ѕвезди беа Наташа Беквалац и Мирослав Илиќ, а во 2016 година Шабан Шаулиќ. Годината пред тоа концерт имаше Харис Џиновиќ, во 2014 година настапија ,,Хари Мата Хари”.
,,Самун ем татлија” за прв пат се одржа во 2013 година, кога 15 угостителски објекти по цел ден ги печеа традиционалните радовишки самуни за посетителите, а во центарот се поставија маси и штандови. Инаку, самунот е еден вид на пита, пастрмајлија, додека пак татлијата е автентичен радовишки десерт.
Вики Клинчарова