Поранешниот потпретседател на Српската листа – Милан Радоичиќ на сослушувањето во Вишото јавно обвинителство во Белград, го негирал извршувањето на кривичните дела за кои е обвинет.
Тој денеска беше сослушан поради сомнение дека со повеќе непознати лица, извршил кривични дела – недозволено производство, држење, носење и тргување со огнено оружје и експлозивни материи и тешки прекршоци против општата безбедност.
Обвинителството по сослушувањето му предложи на судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Белград на осомничениот да му одреди притвор поради опасност од бегство.
Радоичиќ, според информациите, од Тузла набавувал оружје, муниција и експлозивни направи со голема разорна моќ, кои му биле доставени на територијата на Белград, најчесто на релација Бубањ Поток – Врчин.
„А кои потоа ги транспортирал и складирал на неутврдени локации на територијата на Косово, каде ги криел во напуштени згради и шуми, па како водач на група со неколку непознати лица, со заедничка акција и општо опасна акција на 24 септември, предизвикал опасност по животот на луѓето во местото Бањска“, се наведува во соопштението на ВЈТ.
Радоичиќ ја презеде целосната одговорност за настаните во селото Бањска на северот на Косово.
На 24 септември во селото Бањска беше убиен косовски полицаец, по што следеше акција на специјалните единици на косовската полиција насочена кон вооружена група која се обиде да најде засолниште во манастирот Бањска.
Во акцијата загинаа тројца Срби, по потекло од северот на Косово.