Платите за родилките и надоместоците за боледувања од следната година ќе паднат на товар на работодавачите, а државата ќе им префрла пари на фирмите, пишува Радио Слободна Европа.
Поради оваа новина, медиумот анализира дека се зголемуваат стравувањата дека работодавачите ќе избегнуваат да вработуваат млади жени.
-Доколку се има предвид досегашната задолженост на државата кон стопанството и честото доцнење на институциите во исплатата на компаниите, реален е стравот дека со оваа мерка фирмите, за да го заштитат својот капитал, нема да вработуваат млади жени, велат аналитичарите, за Радио Слободна Европа.
Според владината програма, од јуни следната година Фондот за здравство ќе го спроведува проектот „Побрза исплата на породилните надоместоци и боледување“. Проектот подразбира фирмата да им исплати на вработените, а Фондот на фирмата.
Во изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека со овој проект ќе се обезбеди континуитет во исплатата, а доцнењето на пари за боледување или породилно ќе биде минато. Активистите за заштита на човекови права стравуваат дека со оваа мерка ќе се зголеми дискриминацијата при вработувањето на жените поради стравот на работодавачите дека парите за породилното отсуство кое трае 9 месеци нема да им биде исплатено или, пак, тоа ќе се случи со големо задоцнување.