Радев закажа парламентарни избори и назначи привременa влада

by Фокус 13:16
13:16

Претседателот на Бугарија Румен Радев потпиша укази за распуштање на 47-то Народно собрание и за одржување предвремени парламентарни избори на 2 октомври, како и за назначување службена влада.

За привремен премиер е назначен Галаб Донев, досегашен советник на Радев.

Кабинетот на бугарскиот претседател соопшти дека за министер за надворешни работи е именуван Николај Милков, амбасадор на Бугарија во Франција, а за министер за одбрана Димитар Стојанов, кој е шеф на претседателската администрација.

Во владата се враќа Атанас Пеканов, кој ќе биде вицепремиер и одговорен за управување со европските фондови.

Заедно со него во преодната влада се враќа и Велислав Минеков, кој повторно ќе раководи со Министерството за култура, како и во претходните две преодни влади.

За вицепремиер и министер за внатрешни работи е именуван Иван Дерменџиев, кој во втората службена влада минатата година беше министер за правда и се залагаше за смена на главниот обвинител Иван Гешев, што е клучна точка за реформите во правосудството во Бугарија.

Поврзани новости