Радев со голема доверба од 58,5 проценти кај граѓаните

by fokus

Бугарскиот претседател Румен Радев својот мандат го започна со традиционално висока доверба од 58,5 проценти и недоверба од 32,1 отсто, со што останува најпосакуваната личност во политичкиот живот во Бугарија со највисок позитивен рејтинг, објави БГНЕС.

Довербата во Владата се зголеми на 44,9 отсто и е поголема од недовербата (39 проценти), што се случува првпат уште од првиот мандат на Бојко Борисов во 2009 година и покажува акумулација на надеж за крај на политичката криза. Податоците се од репрезентативната студија на полнолетното население во земјата од независната месечна истражувачка програма на Галуп Интернешнл Балкан, „лице в лице“. Спроведено е меѓу 805 возрасни Бугари во периодот меѓу 6 и 14 јануари.

Сепак, економските стравови на Бугарите се високи – 86,4 проценти очекуваат зголемување на цените, откако повеќе години тој показател се движеше под 70 отсто, а на крајот се приближи до 90 проценти пред завршувањето на првиот мандат на Борисов и протестите кои се одржуваа поради високите цени. Позицијата на бугарските испитаници кон Северна Македонија се зацврстува и во јануари, а податоците покажуваат дека 15,3 отсто не сакаат Северна Македонија да започне преговори под никакви околности, 60,8 проценти – само ако го исполни договорот со Бугарија, а 7,6 отсто од анкетираните не поставуваат услови.

Останатите личности со позитивен рејтинг во Бугарија во последните месеци се Кирил Петков, со зголемена доверба, што е очекувано за нов премиер и ново лице во политиката, Стефан Јанев, Асен Василев, исто така со зголемена доверба, и Илијана Јотова.

Поврзани новости