Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека не е потребно какво било посредување меѓу Бугарија и Македонија околу продолжувањето на процесот на интеграција на земјава во ЕУ.
Вели дека Скопје треба да води дијалог со Брисел бидејќи Софија веќе не е вистинската адреса. Радев порача дека состојбата многу добро му ја објаснил и на унгарскиот примиер Виктор Орбан, за кого се појави информација дека би можел на 7 ноември во Будимпешта да ги седне на заедничка маса него и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
За изјавата на Мицкоски дека е подготвен кога било и каде било да разговара со него за да се изнајде решение на долг рок, Радев потенцира дека преговорите меѓу Бугарија и Македонија се завршени пред 2 години, а земјата, за да го продолжи својот пат кон ЕУ, треба да води дијалог со Европската комисија.
„Мојот став по тоа прашање е јасен и добро познат. Јас секогаш сум бил отворен за дијалог. Но исклучително важно е да се прави разлика меѓу дијалог и преговори. Тоа се две различни работи. Преговорите меѓу Бугарија и С. Македонија завршија во јули 2022 година кога двете држави го потпишаа двостраниот протокол врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Ако зборуваме за дијалог, тој треба да се води меѓу С. Македонија и Европската комисија, и тоа врз основа на прифатената Преговорачка рамка за С. Македонија, која со консензус, едногласно е усвоена од сите земји членки на ЕУ и е прифатена од Владата на С. Македонија. Значи, таму треба да се води дијалог, и тоа дијалог за условите кои треба да ги исполни С. Македонија за да може да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ. Сите овие работи јас многу добро сум ми ги објаснил и на премиерот Виктор Орбан и тука нема никаква потреба од посредување“ изјави денеска Радев.