Претседателот на Бугарија, Румен Радев денеска изјави дека нема да брза со врачување на првиот мандат за формирање влада по парламентарните избори што се одржаа во земјата на 2 април, јавуваат медиумите во Бугарија.
Радев смета дека 49. Народно собрание не може да си го дозволи луксузот да не донесе некои важни закони, дури и тоа да значи претходно да не се формира политичка влада во земјата.
„Гледате дека политичката ситуација е доволно сложена и бара многу внимателен пристап, дијалог и разум од сите одговорни фактори. Консултациите ги свикав веднаш по конституирањето на Националното собрание за да биде јасна нивната одговорност за формирање влада и изготвување буџет“ – рече Радев, пренесува бугарски „Стандард“.
Тој смета дека на парламентот му треба време за да ги донесе најважните закони.
„Прашањето за првиот мандат е важно, но многу поважна е државничката способност на партиите. Многу е важно каде ќе одат овие денови“ – рече Радев.
Повика на дијалог и зрелост, без да наведе конкретен датум кога на ГЕРБ-СДС, коалицијата која освои најмногу пратенички места во новиот парламентарен состав, ќе ѝ врачи првиот мандат за формирање влада.