Интеграцијата на Република Северна Македонија мора да биде одржлив и неповратен процес и да се надоврзува на реални резултати во исполнувањето на критериумите за членство, било во фокусот на телефонскиот разговор на бугарскиот претседател Румен Радев со претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, соопшти прес-службата на Радев.
Претседателот на Бугарија истакнал дека исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, давање уставни гаранции за почитувањето на правата на македонските Бугари и зачувувањето на бугарското културно-историско наследство во Северна Македонија, се неопходни чекори за нејзиниот пат кон обединета Европа.
Радев, како што соопшти неговиот Кабинет, „го поздравил подоброто разбирање на позицијата на Бугарија во Европската Унија и ја истакнал потребата од развивање јасни механизми и мерливи критериуми за да се земе предвид вистинскиот напредок на Северна Македонија во процесот на европска интеграција и да се запазат демократските норми и принципи на ЕУ“.
– Бугарија е отворена за дијалог и очекува конкретни резултати, кои нема како да бидат проверени во деновите кои преостануваат до овомесечната седница на ЕУ, рекол Раде.
Радев имал телефонски разговор и со министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија, Александар Шаленберг, посветен на европската перспектива на Северна Македонија.