Бугарскиот претседател Румен Радев во посета на Косово се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи и разговараше за европската перспектива на Приштина, за стабилноста во Југоисточна Европа и за можностите за продлабочување на односите меѓу Бугарија и Косово.
Вјоса Османи го истакна значајниот придонес на Бугарија во секоја фаза од создавањето на Косово – од признавањето на независноста на најмладата земја во Европа до учеството на бугарската војска во мировната мисија на НАТО (КФОР):
„Косово продолжува да се потпира на поддршката на Бугарија во следните чекори до целосното пристапување на нашата земја во Европската унија. Се надеваме дека тоа ќе биде и геостратешки приоритет за Брисел“, рече Османи.
Бугарските медиуми јавуваат дека во фокусот на разговорите била и бугарската заедница во Косово.
Бугарската страна тврди дека скоро 15 илјади луѓе имаат бугарска самосвест, а во јануари годинава била поднесена петиција до Парламентот на Косово со барање тие да бидат признати како независна заедница.
Двајцата разговарале за можноста Бугарите во Косово да се признаат како заедница.
Вјоса Османи ги обврзала властите во земјата да ги почитуваат сите стандарди на претстојниот попис на населението во Косово, да го направат процесот транспарентен и да ги гарантираат правата на сите малцинства.