Радев на средба со Македонските Бугари, најави нова политика кон Скопје

by fokus

Претседателот на Бугарија Румен Радев во Претседателството прими делегација на бугарската заедница во Република Северна Македонија, составена од претставници на политичката партија Граѓанско-демократска унија, здруженијата Центар за култура „Иван Михаилов“ од Битола, „Трибина“ од Прилеп, Македонска – бугарско пријателство од Скопје, „Коридор 8“ – Скопје, „Интеракција“ – Охрид и „Единство“ од Кочани.

Ова е прва средба на бугарски претседател со претставници на Бугари од Македонија.

Бугарија стои цврсто зад македонските Бугари, рече Радев, додавајќи дека овој став веќе го искажал пред ЕУ и за време на неговите средби со францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.

Според Радев, без соработка со македонските Бугари, Софија не може соодветно да ги заштити нивните права.

Тој потсети дека во Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Република Северна Македонија стои дека Бугарија има право да ги брани правата на македонските Бугари.

Радев го поддржа и повикот на дел од организациите на македонските Бугари, упатен на 12 октомври до политичките партии и институции во Бугарија.

-Треба да биде јасно дека покрај заштитата на вашите права, имаме и поширок интерес за Република Северна Македонија, но во секој случај вашиот интерес ќе биде на прво место. Тоа многу зависи од вашето единство, продолжи Радев, и додаде дека Бугарија е во процес на формулирање на нова политика.

Радев оцени дека бугарските граѓани се граѓани на ЕУ, па нивната дискриминација е дискриминација на европејци. Тој исто така истакна дека заедничка задача е, како што вели, да се запре дебугаризацијата во Република Северна Македонија и да се зачува историското и културното наследство. Прекршувањето на овие права е причина да се одложи почетокот на преговорите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, без разлика на цената што Софија ја плаќа. Бугарија непоколебливо ќе оди по овој пат, категоричен е Радев.

Поврзани новости