Државното раководство на С. Македонија очигледно не е подготвено. Неопходно е познавање на меѓународното право, што очигледно недостига. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да се исполни од сите идни влади, а не да се ревидира, изјавил денеска бугарскиот претседател Румен Радев коментирајќи ја вчерашната изјава на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој истакна дека Договорот за добрососедство со Бугарија може да се репреговара.
Радев изјавата ја даде по брифинг со бугарските медиуми во Атина, по средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, јави БТА.
Мицкоски вчера изјави дека Преспанскиот договор е реалност и дел од уставниот и правниот поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран, со додадавањето на т.н. „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени, поради што, како што рече, не гледа причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог, што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.
Според Радев, „на властите во Скопје им недостига познавање по уставно право“.
– Моделот на бугарскиот Устав и на оној на Република Северна Македонија се многу различни – нивниот ги заштитува колективните права, додека моделот на на нашиот Устав ги почитува индивидуалните права. Очигледно немаат познавања и во однос на европското законодавство за тоа, дека кога има заклучоци на Советот, усвоени со консензус, тие не се објект на пазарења, туку треба да се исполнуваат – рекол Радев.
Тој оценил дека „државниот врв на С. Македонија има многу да научи“, додавајќи дека „се подготвени да помагаат и оти отсекогаш помагале на С. Македонија на нејзиниот европски пат“.