Бугарскиот претседател Румен Радев ја искористил средбата со францускиот претседател Емануел Mакрон на маргините на Самитот на ЕУ да му се пожали дека имало антибугарска кампања во Македонија. Според соопштението на кабинетот на Радев, бугарскиот претседател му рекол на Макрон дека „институциите во Македонија мора со резултати да докажат дека навистина се стремат кон евроинтеграции“.
Радев му се пожалил на Макрон и поради фактот дека двете земји го прифатија токму францускиот предлог за кревање на ветото на Софија, во која една од главните точки е внесувањето на македонските Бугари во уставот.
„Уште една антибугарска кампања во РСМ, која доведе до голем број престапи од омраза – палење и пукање врз бугарските културни клубови, како и насилство врз македонските Бугари, покренува прашања за улогата и одговорноста на институциите во земјата. Забележуваме отсуство на политичка волја за реформи и уставни измени, а наместо тоа во државата се води уште една антибугарска кампања“, му рекол радев на Макрон.
Во соопштението не се наведува што му одговорил Макрон на бугарскиот претседател на ваквите забелешки. Ниту се наведува дали тоа што Радев го кажа пред влегувањето на самитот – дека ќе ја изнел неговата оценка за положбата на македонските Бугари и ќе барал солидарност од европските лидери – го изложил на самитот на Европскиот совет.