Бугарскиот претседател Румен Радев влезе во конфликт со европските институции поради политиката кон Северна Македонија. Денеска тој испрати остра порака до европските лидери, откако шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, неколку часа претходно објави дека од европска перспектива нема пречка за пристапување на Северна Македонија , пренесе бугарски портал Медијапул.
Радев реагираше и го обвини Скопје за лобирање и вели: „никогаш досега не било дозволено земја-кандидат за членство да има такво влијание врз работата на европските институции“.
„Наместо да работи на исполнување на условите, Скопје повторно се обложува на активно лобирање за прикривање на недостатокот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство. Се интензивираат нападите и јазикот на омраза кон Бугарија, се воведуваат ’црни списоци’ за забрана за влез на бугарски државјани, се газат правата на бугарската заедница – случаи на физичко насилство, административно и судско малтретирање на луѓе со бугарска самосвест зачестуваат, палење и пукотници врз нивните културни клубови, постојани закани за нивните работни места само затоа што се Бугари“, посочува Радев во писмото до европските лидери и институции, пишува Медијапул.бг.
Новата влада на Николај Денков најави дека сака да ја смири ситуацијата и повика на сличен став од Скопје, за да ги унапреди своите евроинтеграции.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, изјави дека „билатералните прашања не треба да бидат обврзувачки и тие нема да го одредат процесот на пристапување“.
„Северна Македонија добро напредува и од европска страна нема ништо што би го блокирало нејзиниот пристап во ЕУ. Во овој пристап строго ќе се почитуваат европските принципи и стандарди. За ова дефинитивно е неопходна добра соработка и регионалната соработка останува суштински елемент, како и стабилизација, за да може да се спроведе процесот на пристапување“, посочи Борел на прашањето кои ќе бидат следните чекори ако Северна Македонија не го признае постоењето на етничко бугарско малцинство во нејзиниот устав до ноември.