Спорот околу името треба да биде решен во полза на трите држави, Македонија, Грција и Бугарија, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев. Тој дополни дека за таа цел бугарските власти ќе бидат во контакт со македонските.
-Бугарија секогаш се стремеше да и помага на Република Македонија и дел од таа помош е ние да не бидеме пречка, да не го оптоваруваме овој спор, кој треба да се реши меѓу Македонија и Грција. Во тој поглед, може да се смета на нас. Но јас верувам дека овој спор ќе биде решен на таков начин што нема да влијае на интересите на ниту една од овие три држави. За нас тоа значи во името да нема географски одредници кои содржат делови од територијата на Бугарија. Затоа ќе бидеме во контакт со македонските власти за да се најде решение на најдобар можен начин, изјави Румен Радев.
Тој утре доаѓа во посета на Македонија на покана на неговиот македонски колега, Ѓорѓе Иванов.