Радев имал телефонски разговор со Сиљановска-Давкова, ја поканил на самит во Јордан

by Fokus

Важноста на конструктивниот дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји, вклучително и во мултилатералните формати бил тема на телефонскиот разговор што бугарскиот претседател Румен Радев вчера го имал со македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова.

За разговорот информираа од Кабинетот на Радев, преку кусо соопштение објавено на официјалната интернет страница на претседателот на Република Бугарија.

- Advertisements -

„Овој дијалог е од особено значење и за градење стабилна основа за развој на билатералните односи и за справување со регионалните и глобалните предизвици поврзани со безбедноста, борбата против тероризмот и борбата против илегалната миграција“, се вели во соопштението.

Информација за разговорот, барем засега, не е објавена на каналите за комуникација на претседателката Сиљановска-Давкова со јавноста и медиумите, но во телефонски разговор од нејзиниот Кабинет за „360 степени“ потврдија дека двајцата претседатели вчера имале комуникација.

Како што велат од претседателскиот Кабинет, станувало збор за пријателски разговор во кој бугарскиот претседател ја поканил Сиљановска-Давкова да учествува на АКАБА-самитот кој на почетокот на април треба да се одржи во Јордан.

Радев, како што појаснуваат од Кабинетот, заедно со јорданскиот крал Абдула е кодомаќин на овогодинешниот самит, на кој клучните теми за кои ќе стане збор се безбедноста, борбата против тероризмот и екстремизмот и илегалната миграција.

 

Поврзани новости