Кабинетот на бугаркиот претседател Румен Радев во соопштение објавено по средбата со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, за време на Вториот самит на Европската политичка заедница во Кишињев, наведува дека Радев го поставил прашањето за „клучната улога на ЕП во одржувањето на европските вредности и демократијата во оценувањето на напредокот на Западен Балкан на европски пат“.
„Недозволиви се обидите да се интервенира за промена на содржината на документите што ги подготвуваат европските институции, вклучително и ЕП, од страна на земји кандидатки за членство во ЕУ. Претседателот изрази благодарност за навремената реакција и одлучната поддршка за бугарскиот европратеник кому на почетокот на мај му беше забранет влез во Република Северна Македонија. Претседателот Радев истакна дека овој чин е спротивен на европските принципи и покажува непочитување на претставник на институција на ЕУ“, стои во соопштението.
Радев на Мецола ѝ пренел дека ваквото однесување на властите во Скопје не е изолиран случај во кој Северна Македонија ги нарушува добрососедските односи.
„Како особено алармантен развој на ситуацијата во Северна Македонија, претседателот ги наведе јавните изјави на високи државни претставници за подготвени ‘црни листи’ на бугарски државјани, вклучувајќи и политичари, на кои им е забранет влез во Република Северна Македонија. Овој пристап го покажува непремостливото наследство од тоталитарното минато и ја открива потребата од суштински реформи во земјата за тоа да се надмине“, посочуваат од таму.