Бугарскиот претседател, Румен Радев, му порача на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, да се држи до историската вистина. Пораката доаѓа откако по повод 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи, Пендаровски ја повика Бугарија да се извини за нејзиното учество во депортирањето на 7.144 евреи во логорите на Треблинка.
-Интересот на претседателот на Северна Македонија за историјата е за пофалба, но тој треба да се потпира на историската вистина. Политичарите во соседната земја се должни на своите граѓани да им ја кажат вистината за нивната историја која една деценија е обвиена со манипулации и лаги. Вистината за еврејското прашање. Вистината за гонење и репресија на македонските Бугари – рече Радев.
Радев порача и дека од односите меѓу двете земји зависи европскиот пат на Македонија.
-Јас верувам дека иднината на Република Северна Македонија, нејзината европска иднина, бара односите со Бугарија да бидат ослободени од идеологијата на тоталитаризмот за да можеме да имаме вистински полноправен дијалог – додаде тој.