„За пофалба е интересот на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски за историјата, но мора да се потпира на историската вистина. А политичарите кај нашиот сосед на сопствените граѓани им ја должат вистината за сопствената историја, која е обвиткана со децениски манипулации и фалсификување“.
Ова го изјави бугарскиот претседателот Румен Радев во коментар по изјавата на Пендаровски дека Софија треба да се извини за депортацијата на македонските Евреи во Втората светска војна.
Радев рече дека политичарите во Северна Македонија ја должат на својот народ вистината за еврејското прашање, за прогонот и репресијата на македонските Бугари со децении, пренесе БГНЕС.
„Верувам дека европската иднина на Северна Македонија бара билатералните односи со Бугарија да се ослободат од идеологиите на тоталитаризмот, за да можеме да имаме вистински полноправен дијалог и поврзување меѓу нашите земји“, истакна тој.
„Обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу Холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт“ – рече Пендаровски во неделата при обраќањето пред Споменикот во Скопје на 7.144-те депортирани македонски Евреи.