Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од лабораториските испитувања на земените мостри храна и брисевите од тетовската фабрика „Леар“ во Тетово, каде на 8 јули 25 работници покажаа лесни знаци на труење со храна.
Лабораториските испитувања направени во мензата на фабриката „Леар“ покажале зголемено присуство на аеробни и мезофилни бактерии во јогуртот и крем сирењето, присуство на бактеријата стафилококус ауреус во нос кај вработеното лице кое ја делело храната, како и на работната маса за чување на резервна храна, соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство се вели дека овие бактерии не се дел од микробиолошките критериуми за испитување на безбедноста на храната, туку, упатуваат на недоволно добра хигиенска пракса во услови на екстремно високи надворешни температури.
„Дадени се препораки за строго спроведување на добра хигиенска пракса кои се однесуваат на делење на храната во пократок временски рок, нејзино адекватно чување и транспорт со запазување на студениот синџир, одржување на личната хигиена и носење на работни одела на вработените кои работат со храна.
Кај земениот брис од работната маса за чување на резервна храна, со анализите утврдено е присуство на бактеријата стафилокока, за што од страна на инспекциските служби се изречени и спроведени мерки за генерално механичко чистење и дезинфекција на мензата“, се вели во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство.