Работниците во Чернобил заробени веќе 12 дена

by fokus

Повеќе од 100 работници во украинската нуклеарна централа Чернобил – местото на најголемата нуклеарна катастрофа во светот во 1986 година, се заглавени таму повеќе од 12 дена откако руските сили го зазедоа објектот на првиот ден од инвазијата.

Заробени се и 200 украински чувари, кои биле задолжени за безбедноста во моментот на нападот.

Како што јави Би-Би-Си, Русија тврди дека ја обезбедува локацијата заедно со украинската национална гарда, но Украина го оспорува тоа и вели дека руските трупи имаат целосна контрола.

Работниците продолжуваат да ги извршуваат своите обврски и се вели дека атмосферата е мирна, но Би-Би-Си дознава дека условите внатре се тешки, а храната и лековите се ограничени.

Со оглед на тоа што работниците не знаат колку време ќе бидат таму, се ограничуваат на еден оброк дневно (подготвен од готвачи кои исто така се заглавени), а храната е основна – главно леб и каша.

Во исто време расте и загриженоста дека стресот може да влијае на нивната способност да ги извршуваат своите должности на нуклеарната локација.

– Ситуацијата е комплицирана и напната. Тешко им е морално, психолошки и физички, изјави за Би-Би-Си Јуриј Фомичев, градоначалник на Славутич.

Поврзани новости