Добивме уверување и ветување дека законот за недела како неработен ден ќе биде изгласан уште следната недела и ќе важи од 1 јануари, а за минималната плата нема да го бојкотираат предложено законско решение, само се плашат да не се стави некој амандман.
Ова го изјави претседателот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски на денешниот работнички протест во организација на ССМ. Притоа, Димовски испрати порака до пратениците во Собранието дека не може вторпат да не го усвојат законското решение за недела неработен ден.
-Деведесет и два проценти од работниците денеска требаше да одмораат, а останатите осум отсто да земат минимум зголемена дневница од 50 проценти. Затоа ги повикувам веднаш да влезат во пратеничките клупи и да го изгласаат ова законско решение од кое ние работниците ќе имаме голем корист – порача Димовски, истакнувајќи дека минималната плата треба да изнесува 60 проценти од просечната плата, односно 18.000 денари.
Додека траеше денешниот протест, тој бил на средба со пратеници во собранието, каде ги добил овие ветувања. Инаку, Законот за прогласување на недела за неработен ден во петокот помина во собраниската Комисија за труд и социјална политика и треба да се гласа на пленарна седница.
-Само се плашат да не се стави некој амандман, бидејќи не сите пратеници го поддржаа покачувањето на платите, па така и на минималната. Но, ќе се истурка и тоа законско решение, барем до крајот на јануари – кажа Димовски пред насобраните работници, кои решија да искажат својот преку протест бидејќи, според нив, пратениците биле глуви на нивните барања.
Патем, од протестот беше испратена порака до Организацијата на работодавачи да не се забранува синдикално организирање во големите фирми. Како што порачаа демонстрантите, недозволиво е да се забранува синдикално организирање во големи компании кои бројат од 3.000 до 5.000 вработени.