Уште на средината на ланската 2021 година, во рамки на Владата е формирана работна група заради заштита на имотните интереси на државата во случајот „Трансмет“, поради неможноста да се изврши конфискација на имот вреден 17 милиони евра, врз основа на правосилна судска пресуда од 2019 година во предметот „Труст“ за наместен тендер на АД ЕЛЕМ во 2011 година во корист на „Трансмет“ и на „Силекс“.
Фокус располага со решението за формирање на работната група потпишано од тогашниот вицепремиер за антикорупција Љупчо Николовски, во кое се наведува дека ова тело „ќе има задача во најкраток рок да најде начин и да преземе конкретни активности за спроведување на конфискацијата“, со цел надминување на сите проблеми кои се појавуваат во извршувањето на правосилната судска пресуда од 2019 година.
„Владата продолжува активно да учествува во процесот на подобрување на институтот „конфискација на имот“, што е воочено како слабост на состаноците на работната група минатата година. На нив беа детално разгледувани институционалните пречки за реализација на конфискацијата на имотот. На последниот состанок, претставниците на обвинителството и на судот се изјаснија дека ќе направат целосна анализа за да најдат соодветно решение кое би требало да го презентираат на наредниот состанок“, ни одговорија од Владата.
Од таму додаваат дека со промената на составот на Владата, односно со изборот на новиот владин кабинет на чело со премиерот Димитар Ковачевски, работната група е во фаза на реорганизација во смисла на персонални измени. Покрај Николовски, во работната група првично учествувале претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, директорите на Агенцијата за конфискација, централниот регистар, катастарот…
Но, во неа не членува државниот правобранител Фехми Стафа, кој всушност во дописи до Владата и повеќе институции бара формирање на вакво тело, со цел да се најдат мерки и активности за спречување на, според него, незаконското оттуѓување на имотот што е предмет на конфискација, поради пропусти во постапувањето на државни институции. Како што велат од правобранителството, тие не се информирани дека е формирана работна група.
„Работна група за случајот „Трансмет“ не е формирана, меѓутоа одржувани се повеќе состаноци со релевантните институции, а од страна на ДП писмено се известувани и барано е нивно постапување во рамки на нивните надлежности. ДП нема повратно добиено информации дали и што преземале наведените институции“, ни изјавија од институцијата, посочувајќи дека на состаноците е констатирано е дека имотот се оттуѓува или се користи од физички и правни лица.
Како што објави Фокус, Државната комисија за спречување на корупција, Јавното обвинителство, но и други институции, постапуваат во однос на известувањата на Државното правобранителство во случајот „Трансмет“, кое, освен што бара нов кривичен прогон за бизнисменот Сеад Кочан, бидејќи, предложил претходно замрзнат имот како гаранција да се брани од слобода, бара одговорност и од надлежниот обвинител што постапувал во судскиот процес. Во меѓувреме, цело досие од стечајната постапка за „Трансмет“ го презела Финансиската полиција од граѓанскиот суд…
В.С.