Министерот за правда, Никола Тупанчески денеска најави дека оваа и наредната недела ќе започне процес на подготовка за донесување на нов Изборен законик. Но, како ова ќе влијае на предлог-законот поднесен од помалите партии за измени на Изборниот законик со цел Македонија да стане една изборна единица?
Откако една година овој предлог-закон беше блокиран и заборавен во фиока, во март годинава конечно работите мрднаа од мртва точка.
Предлог-законот помина во прво читање на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Сега, претседателот на Собранието, Талат Џафери, треба да го стави на дневен ред на некоја од идните пленарни седници.
Еден од подносителите на законот, Павле Трајанов за „Фокус“ вели дека Министерството за правда може да подготвува нов закон, но тоа нема никакво влијание врз постапката во Парламентот за измени на Изборниот законик, со кои тие предлагааат Македонија да биде една изборна единица.
Овие промени очекуваме да се усвојат. Работна група која ја предлага Тупанчевски, може со години да работи и да нема повторно консензуз, вели Трајанов.
Тој не сака да верува дека формињато на „комисија“ е обид за развлекување и блокада на измените кои се во постапка, бидеќи веќе има согласност постпката да продолжи со цел нивно донесување.
Трајанов очекува Џафери деновиве да го стави на пленарна седница нивниот предлог-закон, за кој според информациите, е усогласено тој да ја помине првата фаза.
Тупанчевски пак, најави дека во текот на оваа недела до сите засегнати страни ќе биде испратен допис во кој ќе бидат поканети пред се политичките партии, да земат учество во подготовката на Изборниот законик. Ќе бидат поканети и другите засегнати страни, односно невладините организации, здруженија и сите кои на некој начин се поврзани со изборната проблематика.
Како ќе изгледа новиот Изборен законик нема да зависи од мене, ќе се обидам максимално професионално да биде спроведена подготовката. Тоа значи дека би се движело во таа насока, евентуално, претседателот на работната група да не биде член на политичка партија и да има човек кој ќе му помага, на пример странски експерт. Како ќе изгледа моделот на политичкиот систем преку кој се избираат пратениците или претставниците во државата нема да зависи од мене како министер, туку од работната група, понудените решенија, идеи и аргументација, рече министерот.
Работата на работните групи, според Тупанчески, ќе почне во многу брз, краток временски интервал.
Катерина Смилева Божиновска