Работите ги гледаме не такви какви што се, туку такви какви што сме

by Фокус

Човекот го дефинира светот, не според тоа каков е светот, туку според тоа какви се неговите погледи и очекувања. нашиот ум врши селекција на тоа што го гледа со помош на своите вредности и верувања. Во тој процес на селектирање на тоа што го гледа, поединецот отфрла или прифаќа определени воочени факти.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Сите тие што ја истражувале меѓународната политика или имале среќа или несреќа да бидат актери на таа сцена, се наоѓале во ситуација да слушаат долги монолози од неуки луѓе за овој комплициран домен на човековото живеење.

Вчудоневидувачкото сознание е дека и најголемите незнајковци имаат свое видување за светот до кое непоколебливо држат. Некогаш кога дипломатијата била во рацете на кралевите и министрите, грижата била какви се тие.

Денес кога индивидуалните гледања за меѓународната политика, ставени во збирниот демократски процес, можат пресудно да влијаат врз изборот „конфликт или соработка“, „војна или мир“, нужно сме упатени на анализа на тоа што се случува во главата на обичниот човек, подеднакво како и во главата на политичарот.

Уште повеќе заради фактот што демократскиот процес може да катапултира неспособни и неталентирани глави директно во центрите на надворешно-политичкото одлучување на една држава.

Анализата на таа персонална психолошка димензија на надворешната политика почнува со една многу неутешителна констатација дека толкувањето на светот зависи од тоа како го гледаме тој свет.

Човекот го дефинира светот, се вели во една серија бихевиористички истражувања, не според тоа каков е светот, туку според тоа какви се неговите погледи и очекувања.

Емпириските истражувања од областа на когнитивната психологија покажуваат дека гледањето на поединецот на светските настани не е пасивен чин.

Имено, нашиот ум врши селекција на тоа што го гледа со помош на своите вредности и верувања. Во тој процес на селектирање на тоа што го гледа, поединецот отфрла или прифаќа определени воочени факти.

МЕНТАЛНА КАРТА

Значи, низ таа селективна перцепција на меѓународната политика, поединецот определува што е праведно, а што е непрведно, што е исправно, а што погрешно. Поинаку речено, човекот има вградена „ментална карта“ која му помага да внесе ред во мноштвото податоци што ги гледа за светот.

Оттаму и тенденцијата кај човекот тој да реагира не на објективните факти за ситуацијата туку на сликата која ја има за ситуацијата.

Изворите на тие слики што го определуваат нашето мислење и поведение, односно на факторите кои влијаат врз креирањето на менталната карта на поединецот за светската политика се:

1. психолошки, всадени во личноста како резултат на искуството од раното детство (на пример, доверба или отсуство на доверба);

2. тоа во што сме социјализирани да мислиме за меѓународните односи како деца од страна на нашите родители, учители, групите на кои им припаѓаме,како и вредностите врз кои почива културниот систем на кој му припаѓаме(на пример, толеранција за културна различност или страв од неа);

3. мислење за светската ситуација артикулирано од оние со кои катадневно се дружиме, ставови од личности со авторитет, политичари или експерти…

Натаму, анализирајќи ги психолошките атрибути на едно човечко суштество, бихевиористите зборуваат за три базични психолошки карактеристики: 1. личноста, 2.ставот и 3.мислењето.

1.Личноста е најсеопфатниот психолошки елемент на едно човечко суштество. Проблемот е во тоа што во западнаата литература сретнуваме преку 17,000 видови личности.

Меѓу попознатите се: авторитарни (Адорно), конзервативни (Маклоски), со отворен или со затворен ум (Рокеч), мизантропски (Розенберг), нетолерантни на непознати нешта (Франкел-Брунсвик), провинциски или космополитски (Левинстон), интровертни (Јунг), нарцисоидни и / или егоистични (Фројд), натаму оптимистички или песимистички, алтруистички, егзибиционистички, апатични, доминантни, зависни, садистички или мазохистички, манијачко-депресивни…

ЛИЧНОСТ, СТАВОВИ И МИСЛЕЊА

Предизспозициите за формирање на личноста на еден човек ги наоѓаме во биолошкото налседство, во искуството од раното детство и во искуството во пубертетот и возрасното доба.

Значи, од најраната доба личноста се развива во интеракција со социјалната и физичката околина и во личноста се структурирани предиспозициите за човечкото поведение.

2.Ставовите се такви атрибути на човековото поведение кои ги вообликува неговата личност под влијание на неговото искуство. Значи, ставот на поединецот е производ на заемното влијание меѓу неговата личност и неговото искуство.

3.Мислењата се поконкретни од ставовите, па оттаму се поподатливи за систематско набљудување и мерење. На пример, да го погледнеме ставот на една личност кон Букурешкиот договор од 1913, со кој е поделена територијата на последната отоманска провинција во Европа, Македонија.

Ако неговиот став е дека таа неправда треба да се ревидира по истекот на договорот во 2013, тогаш лесно е да се претпостави какво е неговото мислење за министер за надворешни работи кој вели дека историјата не може да се промени.

Постојат и меѓусебни влијанија помеѓу овие три психолошки атрибути на поединецот: личноста, ставовите и мислењата.

На пример, една парохијална или провинциска личност лесно се идентификува со негативни ставови кон странци и со мислења во прилог на политика на изолирање на странците.

Личноста, значи, е таа што ќе ни каже на кој начин ќе се структурираат ставовите и мислењата на индивидуата, но и анализата на ставовите и мислењата може да ни каже нешто за личноста на индивидуата.

На пример, авторитарната личност ќе биде блиска до мислења што оперираат во категории на подереност и надреденост. Или личностите со затворен ум ќе имаат проблеми да ги сменат своите погледи во светлината на нови информации.

Ако од анализата на поединецот преминеме на анализа на целото општество, разбираме што се случува при агрегацијата на поединечните психолошки карактеристики во една држава.

Така, тоа што е личност за поединецот, станува национален карактер за општеството, тоа што е став кај поединецот, станува идеологија за општеството, а тоа што е мислење на поединецот станува јавно мнение на државата.

Овој кус поглед на улогата на поединецот во меѓународната политика е потврда на тоа што го запишал новелистот Х.М. Томлинсон (1873-1958):„Работите ги гледаме не такви какви што се, туку такви какви што сме“.

Поврзани новости