Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на Одделот за граѓански работи каде одржа работен состанок со помошникот министер за граѓански работи Јован Алтанџиев. Генерално уште еднаш беше констатиран хаосот и негрижата на претходното раководство, како во однос на граѓаните така и во однос на вработените. Министерот Тошковски со преземањето на функцијата уште од првиот ден потенцираше дека управните служби мора да бидат лицето на МВР и државата воопшто.
„Работењето во управните служби мора да стане престиж, а не казна. Да се биде чест да се работи во служба на граѓаните и брзо и ефикасно задоволување на нивните потреби со брзи и квалитетни услуги“, потенцираше министерот Тошковски.
Тој истакна дека во иднина интензивно ќе се работи на подобрување на условите за работа во управните служби, подобрување на работните услови во секоја канцеларија и на секој шалтер во државата, како и зголемување на платата за оваа категорија вработени. Тошковски истакна дека состојбата со издавање лични документи се стабилизира и се очекува издавањето за еден месец да се врати во законските рокови.
„Ќе ги зголемиме капацитетите во делот на обработка на барањата за пасоши поднесени во ДКП, со цел македонската дијаспора што побрзо да добие патна исправа. Обезбедуваме нови количини на обрасци за лични документи кои ќе ги задоволат потребите за наредниот период. Термин за итна постапка се добива за еден ден, а за редовна постапка за најмногу 10 дена. Повеќе нема интерес за закажување на термини во пунктот Идризово и истиот ќе се затвори откако ја исполни својата цел со прием на околу 25.000 барања.“, нагласи министерот Тошковски.