„Работа во недела” пред Уставен, синдикатот против комората

by Фокус

Уставниот суд на денешната седница ќе одлучува по Рефератот кој е подготвен по претходно поднесената иницијатива од страна на Стопанската комора на Северна Македонија, со која е оспорен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, којшто во својата содржина опфаќа „работа во недела”.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот закон e определено дека ден на неделен одмор е недела и притоа се дефинирани дејностите кои претставуваат исклучок од ова правило.

Во иницијативата се наведува дека ден на неделен одмор може да биде било кој друг ден во неделата, дека е утврден и додаток на плата за работа во недела во износ од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа и од тие причини е дозволена нееднаквост на граѓаните пред законите.

Во иницијативата се содржани наводи дека со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела (неметалните минерални производи) и имаат еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата кои се утврдени со закон се ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка.

Уставниот суд расправаше за овој случај на седница што се одржа на 14 септември годинава, но одлука не беше донесена поради недоволно мнозинство гласови.

Сојузот на синдикатите на Македонија апелира Уставниот суд да го поддржи договореното помеѓу социјалните партнери – недела да биде неработен ден за најголем број на работници, освен за дејностите кои социјалните партнери ги определија како исклучоци поради неопходноста од континуирано одвивање на одредени производни процеси.

„Потсетуваме дека и рефератот на овој предмет беше да не се поведе постапка, што значи Законот за измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кој се уреди правото недела да биде неработен ден да остане во правниот поредок и недела да остане неработен ден, а очекуваме ваквиот реферат, овој пат да биде поддржан едногласно од сите уставни судии имајќи во предвид дека претходниот пат одлуката не беше донесена поради потребниот кворум, но 4 уставни судии го поддржаа рефератот“, велат од ССМ.

Поврзани новости