Работа од дома – актуелна потреба или трајно решение?

by fokus

Пандемијата со корона вирусот која зафати поголем број држави во светот го промени начинот на живот и го натера населението да промени дел од своите секојдневни навики. Рестриктивните мерки што ги воведоа дел од земјите во борбата против ширењето на вирусот, ги принудија работодавачите да го променат начинот на организација на работа и да ги насочат вработените да работат од дома.

Се поголем е бројот на компании кои функционираат онлајн, а нивните вработени ги извршуваат работните задачи од дома. Пандемијата всушност ги натера луѓето да сфатат дека многу работи може да се завршат од дома без одење на работа и присуство во канцеларии.

Така, компанијата „Твитер“ им кажа на своите вработени дека доколку сакаат можат доживотно да работат од дома. Оние кои сакаат, ќе може да се вратат во канцеларија откако ќе бидат укинати рестриктивните мерки.

Сличен став заземаа и „Фејсбук“ и „Гугл“ чии работници до крајот на годината ќе работат од дома.

Можноста да се работи од дома ги натера дел од државите да размислуваат ваквиот начин на работа да го преточат во закон по завршување на пандемијата. Ваква идеја изнесе германскиот министер за работа Хубертус Хајл, кој има намера да предложи воведување на законското право на работа од дома во случаи кога тоа е возможно.

Кај нас засега не се размислува за вакво нешто, иако поголем дел од компаниите беа принудени поради новонастаната состојба со Кобид 19 да го применуваат овој начин на работа.

Неодамнешното истражување што го спроведе Сојузот на стопански комори, во кој членуваат над 24.000 главно микро, мали и средни претпријатија, покажа дека 80 проценти од компаниите немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн.

– Од сите претпријатија вклучени во истражувањето, 80 проценти се изјасниле дека немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн, а на прашањето дали бараат алтернативен начин за остварување на нивната дејност 70 проценти се изјасниле дека не е можно да ја вршат нивната дејност на алтернативен начин, 19 проценти од нив бараат алтернативни начини, а 11 проценти не бараат друг начин, вели Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на ССК.

Истражувањето на ССК покажа и дека поради кризата предизвикана од ковид-19, претприемачите генерално се соочуваат со намален обем на работа и со големи штети во работењето, а голем дел од нив не се во можност да се задолжуваат со нови кредити на веќе постоечките за да ја пребродат кризата. Засега, најголем процент од нив се уште не го намалиле бројот на вработени, но дури 46 проценти се изјасниле дека планираат да го намалат бројот на вработени доколку немаат ликвидност и средства да ги исплатат платите и трошоците.

МИА

Поврзани новости