Рускиот претседател Владимир Путин и се обрати на нацијата по вооружениот бунт на групата Вагнер на Евгениј Пригожин. Во својот петминутен говор тој не го спомена Пригожин.
-Организаторите на бунтот, откако ја предадоа својата земја и својот народ, ги предадоа и оние кои беа вклучени во ова злосторство. Лажеа, ги турнаа во смрт, под оган, да пукаат во своите. Непријателите на Русија и неонацистите во Киев, како и нивните западни патрони и разни домашни предавници, сакаа токму таков исход – братоубиство. Сакаа руските војници да се убијат меѓусебно, рече Путин.
Тој додаде дека одлуките донесени по негова директна наредба се донесени за да се избегне крвопролевање.
Путин ја нарече смртта на пилотот на руската армија, кој беше соборен од членовите на Вагнер, жртва што ја спаси Русија од трагични деструктивни последици.
Тој посочи дека на самиот почеток биле иницирани сите неопходни мерки за неутрализирање на заканата, а организаторите на бунтот сфатиле дека тоа што го прават е криминално дело.
Сепак, изјави рускиот претседател, дека вооружениот бунт во секој случај ќе бил потиснат.
Според неговите зборови, покажана е „највисока консолидација на општеството, извршната и законодавната власт на сите нивоа“.
Тој рече дека борците на групата Вагнер може да ја продолжат службата во Министерството за одбрана на Русија или да заминат во Белорусија и дека ветувањето дадено на Вагнерците ќе биде исполнето.
„Повторувам, изборот е на секој од вас, но убеден сум дека тоа ќе биде избор на руските војници, кои се свесни за својата трагична грешка“, рече рускиот претседател.
Тој му се заблагодари и на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, за неговите напори за мирно решавање на ситуацијата.