Путин за својот однос со Трамп: Конфликтот во Украина можеше да се спречи!

by Fokus

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека војната во Украина можеше да се избегне доколку на Доналд Трамп не му ги „украдоа изборите“ во 2020 година.

Опишувајќи ја целосната инвазија на неговите вооружени сили во февруари 2022 година како „криза“, Путин изјави за државните медиуми дека ужасното крвопролевање што ја тероризираше Источна Европа речиси три години немаше да се случи за време на претседателството на Трамп.

„Не можам, а да не се согласам со него дека ако тој беше претседател, ако не му беше украдена победата во 2020 година, тогаш можеби немаше да има криза во Украина што се појави во 2022 година“, рече рускиот претседател.

Путин рече дека тој и американскиот лидер Доналд Трамп отсекогаш имале деловни, прагматични односи.

Претседателот на Русија рече и дека е подготвен да се сретне со Трамп и „смирено да разговара“ за се што е од интерес за Русија и САД.

Како што наведе, Москва ги слушнала изјавите на Трамп дека е подготвен за соработка, и дека Русија е отворена за тоа. Тој исто така посочи дека Русија има многу да разговара со новата американска администрација, вклучително и економијата, но и енергетиката.

Путин ова го изјави во опширното интервју во кое го пофали новоименуваниот американски претседател, нарекувајќи го Трамп „паметен и прагматичен“, истовремено навестувајќи ја неговата подготвеност „да дојде на преговарачка маса во врска со Украина“.

„Во однос на прашањето за преговорите, секогаш сме кажувале, и сакам уште еднаш да нагласам, дека сме подготвени за овие преговори за украинските прашања“ – додаде Путин.

Поврзани новости