Путин за нобелова

by Fokus

Прочитав добра шега дека на Владимирович треба да му се додели Нобелова награда за медицина, бидејќи за две недели ја уништил короната

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

 Лудилото и неделава продолжи и, за жал, константно е единствена топ тема во медиумите. Војната во Украина ја потисна дури и короната, па не паметам дека во последниве две недели сум проверувал дневен биланс на заразени и починати. Бројката на пребегани стигна до два милиони, Русите побавно напредуваат, но и разорувањето е сè поголемо. И последните барања на Украина да се затвори воздушниот простор и да им се дадат борбени авиони се одбиени од НАТО. Бајден е решен да се бори со Русија до последен Украинец.

Во меѓувреме, покрај економските санкции, продолжи и ретардираното супресирање на вековната руска култура и традиција. Никако не можам да разберам, камоли да поддржам забранувања на автори кои оставиле неизбришливи траги на човечката цивилизација.

ПУТИНОВАТА ПРОПАГАНДА

Но, да одиме чекор понатаму, можеби и тоа е интенцијата – задушување на руската култура, како една од најетаблираните во Европа. Каква друга логика да се бара во забранувањето опери, репрезентации и писатели? Тоа демек ќе го ослабне режимот на Путин?  Не, токму спротивното, конкретно тој чекор само ќе го зајакне, затоа што Путиновата пропагандна машинерија ќе вели: ете, видете го Западот, сакаат да нè уништат како Словени.

Кога веќе ја споменав короната, медиумското внимание во целост се насочи кон Украина, па ковидот како да исчезна. Факт е дека во последните две недели (што загадочно коинцидира со почетокот на вооружените дејствија), бројките на заразени и починати се драстично паднати, но факт е и дека веќе не слушаме кампања на страв. Прочитав добра шега дека на Владимирович треба да му се додели Нобелова награда за медицина, бидејќи за две недели ја уништил короната.

Шегата настрана, ковид е мачкина кашлица во споредба со тоа што ќе се случува во светот во следните години. Доколку војнава се разгори, а има такви предиспозиции, ние економски немаме сили да издржиме. Бензинот е евро и пол, сега со тенденција да расте, струјата галопира, а прехранбените производи се со цени до плафон, а некои и го дупнаа. Бислимовски во здрав мозок нè дупи кога вели дека плаќаме најевтино гориво, експресно демантиран со статистика дека со македонска просечна плата може да се пазари убедливо најмалку бензин од сите земји во регионот.

РУСКИ ОЛИГАРХИ

Економските елити ќе продолжат и понатаму да приграбуваат сè повеќе богатство, истото ќе го триплираат и квадриплираат, но уште поважно и поопасно ќе апсорбираат и драконски моќи.

Како дел од санкциите се одзема имот на руските олигархи. Руските олигарси не се ништо друго, освен пиони на Путин преку кој краде и изнесува пари. До тука сме јасни. Но, сакам да алармирам на опасноста  една држава или влада да ви одзема имот, без процедура и судска одлука. И кога тоа може да го направи руски тајкун, кој има несомнено дебели конекции, кеш и политичко влијание, може да се замисли што би се случило со обичен непослушен смртник.

Не сум сигурен дали имотот само се замрзнува или се конфискува, но секако е опасна пракса, која и тоа како ќе се повторува во иднина. Треба да бидеме сè поподготвени на практикување апсолутна моќ од страна на мала група, неизбрани велможи и мултимилијардери, а на грбот на сите нас!

Поврзани новости