Путин во новогодишната порака го поздрави успехот на Русија: „Нашите мисли се со нашите борци и нашите команданти“

by Fokus

Во својата новогодишна порака, претседателот на Русија – Владимир Путин, ги пофали успесите на Русија во изминатите 25 години колку што е на власт.

„Драги пријатели, првата четвртина од 21 век завршува. Тој период во Русија беше обележан со бројни настани, историски и од големи размери“, рече Путин.

„Останува уште многу да се направи, но можеме да бидеме горди на постигнатото – тоа е наше заедничко добро за идниот развој“, рече Путин во пораката до граѓаните.

Додека Русија води војна против Украина речиси три години, Путин ги поздрави војниците на фронтот во единствената референца во својот говор за најтешкиот конфликт во Европа по Втората светска војна:

„На оваа новогодишна ноќ, мислите и надежите на родителите и пријателите, милиони луѓе ширум Русија се со нашите борци и нашите команданти“, рече тој.

Поздравувајќи ја својата земја како „независна, слободна и силна“, тој оцени дека Русија е способна да се соочи со „најтешките предизвици“.

„Сигурни сме дека сè ќе оди добро, дека ќе продолжиме напред“, рече тој на полноќ на далечниот исток на Русија.

Поврзани новости